Свет
Руските научници предупредија за појава на силна магнетна бура
Руските научници предупредија за појава на силна магнетна бура поради денешниот дополнителен ефект на короналната дупка, која ги преведе набљудуваните параметри на сончевиот ветер во целосно екстремни вредности.
Земјата влезе во плазматскиот тек од короналната дупка во Сонцето, а се очекува пристигнување на два плазма-облака исфрлени од моќни сончеви ерупции, објави денес Лабораторијата за сончева астрономија на Институтот за космички истражувања (IKI) на Руската академија на науките.
Како што претходно изјавија научниците, за Земјата се очекува најсилната геомагнетна бура оваа година и една од најсилните во последните неколку години, пренесува „РИА новости“.
„Во исто време, Земјата треба да влезе во зоната на дејствување на големата коронална дупка, како и да го издржи пристигнувањето на два плазма-облака исфрлени за време на големите сончеви ерупции што се случија пред два дена. Судејќи според податоците од копнените и вселенските инструменти, првата точка од денешниот распоред е веќе исполнета“, се наведува на телеграм-каналот на Лабораторијата.
Се забележува дека магнетните бури почнале вчера, а денешниот дополнителен ефект на короналната дупка „ги преведе набљудуваните параметри на сончевиот ветер на сосема екстремни вредности“.
Досега магнетосферата на Земјата реагирала умерено на настаните, објави Лабораторијата. Од утрово магнетните бури се реактивирани и моментно се на пониски и на средни нивоа на G1-G2, но најверојатно набргу ќе се претворат во силни настани од категоријата G3, пренесува „Танјуг“.
„Во секој случај, сè што се случува е само прелудиум и подготовка на заднината за главниот настан – пристигнувањето на сончевиот плазма-облак. Постои голема веројатност дека најбрзите делови од сончевите исфрлања веќе стигнале до Земјата и сега дејствуваат заедно со сончевиот ветер. Главната маса на плазмата ќе пристигне во текот на следните 24 часа. Засега не е сосема јасно колку шокови ќе мора да издржи планетата на крајот. Сценариото е дека плазма-облаците се споиле во еден на патот, така што границата нема да може да се разликува меѓу нив“, предвидуваат научниците.
Според вработените во Лабораторијата, прелиминарното моделирање покажало дека најгустите делови од сончевите ерупции сепак ќе поминат покрај Земјата и дека само нивните надворешни региони ќе влијаат на планетата, пренесува „Танјуг“.
Во овој случај геомагнетните бури нема да го надминат нивото четири од можни пет. Доколку процената е погрешна и Земјата биде погодена од фронтален удар, постои можност бурите да го достигнат највисокото ниво, G5, е наведено во Лабораторијата.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

