Свет
Руски дипломат: НАТО го претвора Балтичкото Море во потенцијална зона на конфликт
Акциите на НАТО во Балтичкото Море претставуваат сериозен безбедносен ризик и го претвораат регионот во потенцијална зона на воен конфликт, изјави рускиот амбасадор во Белгија, Денис Гончар, пренесува „РИА новости“.
„Веруваме дека акциите на алијансата во Балтичкото Море, вклучително и зголемената фреквенција на големи поморски вежби, како што е ‘Балтопс 2025’, се исклучително опасни“, рече Гончар.
Рускиот дипломат особено посочи на операцијата на НАТО, „Балтичка стража“, во рамките на која се вршат инспекции на бродови под изговор за потрага по руската флота во сенка. Тој исто така потсети дека на 9 септември литванските власти објавија зголемено распоредување трупи на границите со Русија и Белорусија како реакција на заедничките маневри на двете земји наречени „Запад 2025“.
Воздушни вежби во Финска
Во исто време, големите воздушни вежби на НАТО – „Атлантик тридент“ и „Итакаира 2025/2“ – неодамна беа завршени во Финска. Според официјалните податоци, за време на овие маневри беше практикувано пробивање на руската воздушна одбрана.
На вежбите учествуваа повеќе од 40 воени авиони и извидувачки беспилотни летала RQ-4D Phoenix, а беа ангажирани и сили од Финска, Соединетите Американски Држави, Франција и од Велика Британија.
Рускиот амбасадор нагласи дека ваквите потези на алијансата го зголемуваат ризикот од директна конфронтација и ја поткопуваат безбедноста на целиот регион. Москва, како што рече, внимателно го следи развојот на настаните и го задржува правото да одговори на активностите што ги смета за провокации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Лукашенко: Неуспехот во потрагата по мир може да ескалира во глобален конфликт
Белорускиот претседател Александар Лукашенко повика на брза акција за прекин на конфликтот во Украина во интервју објавено во вторник, нагласувајќи дека САД мора да останат вклучени во дипломатските напори. Лукашенко е сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и ѝ ја отстапи белоруската територија на Москва за инвазија на Украина во 2022 година.
„Сега многу работи зависат од ставот на Трамп и САД. Најважно е Трамп да не отстапува од овој став“, изјави Лукашенко за американската телевизиска мрежа Newsmax, а делови од интервјуто ги пренесе белоруската државна новинска агенција BelTA.
„Доколку сè зависеше исклучиво од Трамп, војната ќе беше завршена одамна… Но, ова е повеќестран процес и Трамп не може сам да го реши… Конфликтот мора да биде замрзнат од горе до долу. Откако луѓето ќе престанат да се убиваат едни со други, можете да седнете и да се договорите за што сакате“, рече белорускиот претседател.
Лукашенко рече дека неуспехот во потрагата по мир може „да заврши лошо за Европа и целиот свет“ и „да прерасне во некаков вид глобален конфликт“.
Американскиот претседател ги предводи напорите за наоѓање решение за ставање крај на конфликтот. Првичниот американски мировен предлог, критикуван од многумина во Европа како премногу проруски, претрпе измени.
Американските и украинските претставници одржаа консултации за предложениот договор заедно со европските претставници за време на дводневните разговори во Берлин оваа недела.
Трамп изрази фрустрација и од Путин и од украинскиот претседател Володимир Зеленски поради континуираниот неуспех да се стави крај на речиси четиригодишната војна. Руските сили држат околу 19 проценти од украинската територија и се обидуваат да воспостават целосна контрола врз источниот регион Донбас.
Свет
(Видео) Синот на Роб Рајнер ќе биде обвинет дека до смрт ги избол своите родители
Ник Рајнер ќе биде обвинет за двојно убиство од прв степен на неговите родители, холивудскиот режисер Роб и фотографката Мишел, изјави окружниот обвинител на округот Лос Анџелес, Натан Хочман.
Роб и Мишел Рајнер беа пронајдени мртви со очигледни убодни рани во неделата во нивниот дом во Брентвуд, Лос Анџелес.
„Денес сум тука да објавам дека нашата канцеларија ќе поднесе обвинение против Ник Рајнер, осомничениот за убиствата на неговите родители, актерот и режисер Роб Рајнер и фотографката и продуцентка Мишел Сингер Рајнер“, рече Хочман на прес-конференција во вторник.
„Тој ќе биде обвинет за две убиства од прв степен со посебна околност за повеќекратно убиство“, рече окружниот обвинител, додавајќи дека Ник Рајнер се соочува и со „специјално обвинение за лична употреба на опасно и смртоносно оружје – нож“.
Хочман рече дека Ник Рајнер се соочува со „максимална казна доживотен затвор без можност за условна слобода или смртна казна“ и во моментов е во притвор без кауција.
Рајнер, кој наполни 78 години во март, долго време е еден од најплодните режисери во Холивуд, одговорен за некои од највпечатливите филмови од 1980-тите и 1990-тите, вклучувајќи ги „This Is Spinal Tap“, „A Few Good Men“, „When Harry Met Sally“ и „The Story of Us“.
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

