Свет
Руско МНР: Русија не поддржува ниту еден кандидат на претседателските избори во Авганистан

Претседателските избори во Авганистан се внатрешна работа на граѓаните на земјата, а Русија не поддржува ниту еден посебен кандидат за претседателските избори таму, се вели во коментарот на руското Министерство за надворешни работи, пренесува ТАСС.
Министерството ги спомена неодамнешните извештаи за наводната поддршка на Русија на поранешниот советник за национална безбедност, Ханиф Атмар, на претседателските избори закажани за 28 септември. Во извештаите се тврди дека Русија издвоила околу 60 милиони американски долари за неговата изборна кампања.
„Ние изјавуваме со целосна одговорност дека Русија не поддржува ниту еден кандидат на претстојните претседателски избори во Авганистан. Овие избори ги сметаме за строго внатрешна работа на авганистанскиот народ. Во исто време, ја следиме ситуацијата во земјата и очекуваме дека сегашниот политички процес ќе доведе до воспоставување стабилен мир и национален договор“, истакнуваат руските дипломати.
Министерството истакна дека оние што известуваат за поддршката на Русија на авганистанскиот претседателски кандидат треба да се помачат да приложат доказ за веродостојноста на извештајот, наместо да се водат водат од шпекулации и теории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Политико“: ЕУ го одложува воведувањето на 19 пакет-санкции против Русија

Европската комисија (ЕК) нема да воведе нов пакет-санкции против Русија в среда, како што се очекуваше, објавувањето е одложено на неодредено време, објавува „Политико“ повикувајќи се на европски дипломат и функционер на една од земјите на блокот.
Според нив, објавувањето на 19 пакет-санкции веќе не се очекува в среда, а ЕК не прецизирала нови можни датуми за официјално презентирање на новите санкции, според бриселскиот портал.
„Политико“ пишува дека одложувањето е последица на поместувањето на фокусот на ЕУ од воведување нови санкции против Русија кон вршење притисок врз Словачка и Унгарија за намалување на нивната зависност од руската нафта, објавува „Танјуг“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе строги санкции против Русија доколку сите членки на Северноатлантскиот сојуз дејствуваат заедно и престанат да купуваат руска нафта.
Тој истакна дека фактот што некои сојузници на НАТО континуирано увезуваат енергетски ресурси од Русија „ја ослабува преговарачката позиција на алијансата“.
Свет
Велика Британија испраќа „тајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „еврофајтер тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор откога Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникот британскиот премиер, Кир Стармер.
Во наредните денови овие авиони ќе им се придружат на француските „рафали“, на германските „еврофајтери“ и на данските „Ф-16“ како дел од операцијата на НАТО – „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, а Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според „Ројтерс“, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат речиси 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец Полска ги почна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат речиси 30.000 војници вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин
Свет
Рубио: Трамп е единствениот лидер што може да разговара со Русија, Украина и со Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски следната недела во Њујорк, објави американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Според американските медиуми, Рубио нагласил дека Трамп е единствениот лидер во светот што има капацитет да разговара со Украина и со Европа, како и со Русија. Тој додаде дека американскиот претседател ќе продолжи со своите напори за наоѓање решение за украинскиот конфликт.
Во исто време, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон продолжуваат на разни нивоа.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, претходно изјави дека двете страни ќе се обидат да организираат уште еден состанок до крајот на есента за да разговараат за отворените и за спорните прашања во билатералните односи.
Фото: принтскрин