Свет
Руте: Нашата цел не е да провоцираме, туку да се браниме
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес, во Прага, изјави дека западните сојузници мора бргу да се вооружат за да ги спречат хегемонските амбиции на Русија, која ќе остане закана дури и по војната во Украина, и да постигнат мир преку сила.
„Јасно е дека нашите сегашни капацитети не се доволни. Соочени сме со сериозни закани. Русија и Кина произведуваат оружје со невидена брзина. Ова не е демонстрација на паради, туку вистинска сила. Денес, Русија издвојува 40 проценти од својот буџет за вооружување. Само оваа година илјадници тенкови и стотици ракети ‘Искандер’. Наша задача е да ја подготвиме Европа“, рече Руте на самитот за одбрана во Прага.
Првиот човек на НАТО изјави дека западните сојузници подготвиле планови, меѓу другото, како да ги зголемат капацитетите во противракетната одбрана петкратно, а исто така и производството на артилериска муниција.
„Добрата вест е дека веќе имаме значителни средства, а нови доаѓаат. Посилна одбрана на Европа. Набргу ќе достигнеме производство од два милиона артилериски гранати годишно и ќе почнеме да ја намалуваме огромната предност на Русија“, рече Руте.
Генералниот секретар ја спомена Украина како пример за репутација бидејќи успеа да произведе 4,5 милиони дронови годишно за кратко време и членките на НАТО треба да воспостават интензивна соработка со неа во оваа област.
„НАТО има јасен и амбициозен план. Секој партнер знае како да придонесе. Нашата цел не е да провоцираме, туку да се браниме. Зголемувањето на инвестициите во одбраната е одговор на неиспровоцираната агресија на Русија против Украина. Предизвиците нема да исчезнат. Нашата најголема предност останува единството. Европа и САД заедно“, рече Руте.
По панелот на самитот за одбрана во Прага, генералниот секретар на НАТО ќе се сретне со чешкиот премиер, Петр Фијала.
Шведскиот министер за одбрана Пал Џонсон на самитот изјави дека руската инвазија на Украина ги разби илузиите дека мирот е основен услов во денешниот свет.
„Русија произведува повеќе тенкови, борбени возила, ракети и беспилотни летала од кога било досега. Стекнува искуство од фронтот и успева да извлече поуки од нив. Бргу се приспособува, а исто така ги подобрува и своите хибридни операции“, рече Џонсон.
Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски, отворајќи го самитот за одбрана во Прага синоќа, ги предупреди и западните сојузници за аспектот на хибридна војна и рече дека од 2014 година и кризата што избувна пред анексијата на Крим тие се во необјавена хибридна војна што почна против нив и продолжува да ја води Русија.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Родригез ќе помине полошо од Мадуро ако не прави како што треба
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека венецуелската потпретседателка Делси Родригез би можела „да плати повисока цена“ од соборениот лидер Николас Мадуро „ако не го стори она што е исправно“.
– Обновата на земјата не е лоша работа. Венецуела е банкротирана. Оваа земја е катастрофа во секој поглед.„Ако (Родригез) не сака да го прави она што е исправно, ќе плати многу висока цена, веројатно повисока од цената што ја плати Мадуро, рече Трамп.
Трамп по вчерашниот напад врз Венецуела и грабнувањето на Мадуро, првично ја пофали Родригез и кажа дека таа ќе соработува со САД. Но, кратко потоа, Родригез му одгооври дека нејзината земја ќе ги заштити своите природни ресурси.
Американскиот претседател ја бранеше својата одлука за насилно заробување на Мадуро, велејќи: „Реставрацијата и промената на режимот – како и да ја наречете – се подобри од она што го имаме таму во моментов. Не може да биде полошо“.
Трамп, исто така, рече дека и други земји, особено Гренланд, би можеле да бидат цел на интервенција на САД.
– На другите е сами да проценат што значи американската воена акција во Венецуела за Гренланд. Апсолутно ни е потребен Гренланд. Потребен ни е за одбрана, рече тоj за островот, кој е дел од Данска, која е членка на НАТО.
Свет
В четврток и петок целосна блокада на главните патни правци низ Грција
Со 48-часовна блокада на целата национална патна мрежа, на споредните патишта и на клучните патни правци во Грција, како и на граничните премини, но веројатно само за камиони, в четврток и петок грчките земјоделци ги продолжуваат нивните активности по празниците, согласно одлуките што ги донесоа на повеќечасовниот состанок одржан денеска со учество на претставници на 62 блока од целата земја.
На масовниот состанок одржан во Малгара во близина на Солун, претставниците на земјоделците одлучија дополнително интензивирање на протестите, веднаш по Водици што во Грција е на 6 јануари, а целта е земјата да се подели на два дела и да се запрат секакви активности на главните грчки автопатишта.
Во однос на граничните премини, најавите се дека во овие 48-часа ќе постои целосна блокада за камионите, додека пак автобусите и автомобилите ќе се сообраќаат непречено.
Протестите на земјоделците траат над еден месец, започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции.
Во периодот околу Божиќ и сега пред и по Нова година, земјоделците привремено ги тргнаа блокадите за да го олеснат патувањето на граѓаните за време на празниците.
Свет
Најмалку 40 убиени во американскиот напад врз Венецуела
Најмалку 40 лица, вклучувајќи воен персонал и цивили, се убиени во американските воздушен напад врз Венецуела рано во саботата наутро, изјавил висок венецуелски функционер за „Њујорк тајмс“.
Весникот пренесува дека во нападот имало цивилни жртви, особено во Катија Ла Мар, сиромашна крајбрежна област западно од аеродромот во Каракас, каде што била погодена трикатна станбена зграда, при што се урнал нејзиниот надворешен ѕид.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека во нападот нема настрадани американски војници, но призна дека неколкумина се повредени.
Подоцна истиот ден, на прес-конференција во Мар-а-Лаго, генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, објасни дека американските хеликоптери, кои биле на мисија да ги извлечат претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга, биле нападнати. Според него, еден хеликоптер бил погоден, но останал оперативен, додека сите американски авиони се вратиле дома безбедно.

