Свет
САД воведоа нови санкции за Куба, забранија деловни активности со компанија што се занимава со парични дознаки
САД ги заострија санкциите кон Куба додавајќи на списокот компанија што ги обработува странските дознаки за Кубанците, објави американскиот државен секретар, Мајк Помпео.
Кубанската компанија Американски меѓународни услуги (АИС) обработува парични дознаки од странство, а од денес на компаниите и физичките лица под јурисдикција на САД им е забрането да работат со таа компанија. АИС е контролирана од кубанската армија, потсетува ДПА.
Во 2017 година Стејт департментот на САД објави ограничен список од 180 компании и други институции, кои, според САД, им служат на кубанската војска, на разузнавачките служби и на безбедносните сили.
„Луѓето треба да може да добиваат пари од своите семејства во странство и да бидат поштедени од обврската да ги полнат џебовите на нивните угнетувачи“, рече американскиот државен секретар коментирајќи го вклучувањето на АИС на списокот на санкционирани компании.
„Кубанскиот народ заслужува да живее во слобода и достоинство, тој заслужува право (слободно) да го избере своето раководство и да се грижи за своите семејства“, продолжи Помпео.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обидува да ја обнови политиката кон комунистичка Куба што ја водеше Вашингтон пред периодот на омекнување на односите во времето на Барак Обама. Кабинетот на Трамп воведе низа санкции за да го зголеми притисокот врз малиот островски сосед и да го принуди да му ја одземе поддршката на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, кого Вашингтон сака да го смени.
САД исто така го ограничи патувањето на Куба и постави тримесечен лимит од 1.000 американски долари за американските граѓани, кои финансиски ги помагаат членовите на нивните семејства во Куба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Се појавија нови идеи за крај на војната по разговорите со луѓето на Трамп
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со луѓе од тимот на американскиот претседател Доналд Трамп – специјалниот изасланик Стив Виткоф и Џаред Кушнер – за можни начини за завршување на војната со Русија. Според Зеленски, се појавиле „нови идеи“ поврзани со форматот на преговорите, средбите и временската рамка.
Трамп се залага за мировен договор, а неговите преговарачи работат на план што постепено напредува. Зеленски претходно претстави нацрт-мировен план од 20 точки, кој е скратена верзија на постар предлог од 28 точки. Клучните територијални прашања сè уште не се решени и, според Зеленски, за најчувствителните теми ќе биде потребна директна средба со Трамп.
Од руската страна, Кремљ соопшти дека ги анализира документите поврзани со можниот крај на војната, додека Москва изрази незадоволство од украинскиот план, особено околу Донбас, НАТО и големината на украинската армија. Зеленски најави и нови разговори меѓу украинските и американските преговарачи, нагласувајќи дека работат постојано за да се приближи крајот на војната.
Свет
Фон дер Лајен се надева на мир во Украина во новата година
Во својот божиќен говор, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази надеж дека конфликтот во Украина може да се реши до 2026 година. Таа го објави ова во објава на социјалната мрежа Икс.
„Особено размислуваме за нашите пријатели во Украина. Се надеваме дека претстојната година конечно ќе донесе праведен и траен мир, и на крајот безбедна и просперитетна иднина за нашата Унија“, рече фон дер Лајен во пораката.
Оптимистички проценки доаѓаат и од Вашингтон. Постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, изјави дека процесот се приближува кон решение.
„Мислам дека ги решивме повеќето прашања. Значи, се приближуваме кон решение. Поблиску сме од кога било“, рече Витакер.
Претходно, на 24 декември, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, јавно ги презентираше деталите од нацрт-мировниот договор што беше дискутиран за време на преговорите. Меѓу предложените одредби, постои и клаузула што предвидува Украина да стане членка на Европската Унија во одреден временски рок, потсетуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Свет
Кац: Израел никогаш нема целосно да се повлече од Појасот Газа
Израел никогаш нема целосно да се повлече од Појасот Газа, изјави денес израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
„Ќе има значајна безбедносна зона во Појасот Газа, дури и кога преминуваме во втората фаза од мировниот договор, во случај Хамас да се разоружа. Ова ќе придонесе за заштита на израелската заедница“, рече Кац, според „Тајмс оф Израел“.
Според него, ако Хамас не се разоружа сам, тогаш Израел ќе го принуди да го стори тоа.
„Ако не го контролираме коридорот меѓу Газа и Египет ниту еден ден, Иран ќе успее да испрати секаков вид оружје во Појасот Газа“, рече Кац.
Тој ги отфрли обвинувањата дека го „сменил“ својот став за повик за изградба на израелски населби во Појасот Газа.
„Се движам наназад само кога возам“, рече Кац, нагласувајќи дека „неговата визија“ за Газа, која вклучува изградба на населби на север од палестинската енклава, „ќе биде имплементирана во догледно време“.
Според мировниот план од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел не смее да го окупира или анектира Појасот Газа. Покрај тоа, кога ќе бидат распоредени меѓународни сили за „стабилизација“, израелската армија ќе се повлече од енклавата.
Фото: депозитфотос

