Свет
САД до Русија: Нашиот носач на авиони е 100.000 тони дипломатија

Амбасадорот на САД во Русија, Џон Хантсмен, изјави дека американската флота на Медитеранот, предводена од неколку носачи за авиони, треба да биде сигнал за Москва.
„Дипломатските врски и дијалогот во релација со моќни одбранбени системи на тие бродови ѝ покажуваат на Русија дека, доколку навистина сака да воспостави подобри односи со Америка, мора да ја прекине сопствената дестабилизирачка активност во светот“, рекол Хантсмен, пренесе „Спутник“.
Според него, секој носач на авиони на Медитеранот претставува 100.000 тони меѓународна дипломатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Светските медиуми апелираат до Израел да им дозволи на новинарите влез и излез од Газа

Новинските агенции „Франс прес“, „Асошиетед прес“ и „Ројтерс“ заедно со Би-би-си денес упатија заеднички апел до Израел да им дозволи на новинарите да влегуваат и да ја напуштаат Газа по 21 месец војна.
„Новинарите се соочуваат со многу неповолности и тешкотии во воената зона. Длабоко сме загрижени што гладот сега им се заканува“, се вели во заедничка изјава на агенцијата „Франс-прес“, американската „Асошиетед прес“, канадско-британската агенција „Ројтерс“ и британската агенција Би-би-си.
„Уште еднаш ги повикуваме израелските власти да им дозволат на новинарите да влегуваат и да ја напуштаат Газа. Од клучно значење е доволно резерви од храна да стигнат до населението“, се инсистира во соопштението. Овие меѓународни медиуми изразија длабока загриженост за своите новинари во Газа, „на кои им е сè потешко да се издржуваат себеси и своите семејства“.
„Овие независни новинари беа очите и ушите на светот на терен во Газа. Сега се соочуваат со истите тешки услови како и луѓето за кои известуваат“, нагласија тие.
ОН и невладините организации предупредија за ризикот од глад во Газа. Израелската влада негира одговорност за недостигот. Во последните денови има сè поголем број сведоштва од новинари на кои очајно им е потребна помош во Газа.
Тие опишуваат екстреемн глад, недостиг на чиста вода и зголемен физички и ментален замор, што понекогаш ги принудува да известуваат помалку за војната, која почна кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година.
„Со месеци беспомошно бевме сведоци на драматичното влошување на условите за живеење на неколку вработени во АФП и нивната ситуација сега е неодржлива“, се вели во соопштението на новинската агенција, а нејзиното Здружение на новинарите предупреди дека ќе ги гледа како умираат.
Израел го обвинува палестинското исламистичко движење Хамас за експлоатација на страдањето на повеќе од два милиона жители на Газа, особено со пренасочување на помошта за да ја продава по високи цени или со пукање во оние што чекаат.
По почетокот на опсадата на Газа во октомври 2023 година, Израел воведе целосна блокада на територијата на почетокот на март, која беше само делумно ублажена кон крајот на мај, предизвикувајќи сериозен недостиг на храна, лекови и гориво. Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), независна организација со седиште во САД, вчера го повика Израел да престане да ги изгладнува новинарите и цивилите во Газа.
„Светот мора да дејствува сега: да ги заштити (овие професионалци), да ги нахрани и да им дозволи да закрепнат додека други новинари не може да дојдат да ги поддржат“, изјави регионалната директорка на CPJ, Сара Куда, во соопштението. Од крајот на 2023 година единствените новинари на кои им е дозволено да влезат во Појасот Газа од странство се со израелската армија, а нивното известување е предмет на воена цензура.
За Франција, ризикот од глад во Газа е резултат на блокадата наметната од Израел.
„Недостигот беше предизвикан од Хамас“, рече израелскиот портпарол Давид Менсер обвинувајќи го палестинското движење за спречување дистрибуција и за грабеж на помошта. Хамас отсекогаш ги негира таквите обвинувања.
Нападот од 7 октомври резултира со смрт на 1.219 лица на израелска страна, претежно цивили, според официјалните бројки објавени од АФП. Од 251 лице киднапирано тој ден, 49 останаа во Газа како заложници, од кои 27 беа прогласени за мртви од војската.
Израелската војска уби 59.219 лица во Газа во одмазднички копнени и воздушни напади, претежно цивили, според бројките од Министерството за здравство на Хамас, кои ОН ги смета за веродостојни. Невладината организација „Репортери без граници“ на 7 мај објави дека „израелската војска убила речиси 200 новинари, вклучувајќи најмалку 44 на должност“ во Појасот Газа.
Свет
Хаос на летот Загреб – Малме на „Рајанер“: крвава тепачка меѓу двајца патници

Во авион на „Рајанер“ што слетал вчера на аеродромот во Малме, избувнала тепачка. Двајца мажи се бореле до крв, објави шведскиот „Афтонбладет“.
Авионот на „Рајанер“, кој летал од Загреб, се подготвувал да слета на аеродромот во Малме кратко пред 22:30 часот.
„Непосредно пред слетувањето, светлата се гасат. И одеднаш гледаме двајца мажи кои почнуваат жестоко да се тепаат. Почнуваат да се тепаат и да се фрлаат едни со други кон другите патници“, вели едно од лицата што седеле во авионот.
Во авионот настанал хаос. „Имаше многу деца и жени кои плачеа. Луѓето сакаа да истрчаат кон задниот дел од авионот за да се сокријат. Имаше крв насекаде. Една од патничките беше целосно покриена со крв. Речиси паднаа врз мене и мајка ми. Беше толку непријатно, сè уште се тресам“, изјавил сведок на тепачката за „Афтонбладет“.
„Имавме мала полициска интервенција на аеродромот Малме во текот на вечерта. Тоа не влијаеше на работењето на аеродромот. Бидејќи станува збор за полициски случај, ве молиме контактирајте ја полицијата за повеќе информации за инцидентот“, напиша Дејвид Карлсон, раководител на комуникации во „Сведавија“, државната компанија што управува со аеродромите во Шведска, во СМС-порака до „Афтонбладет“.
Според шведскиот весник „Сидсвенскан“, мажите се шведски државјани, а еден од нив е пријавен за напад.
За инцидентот се огласија и од „Рајанер“.
„Екипажот на летот на ‘Лауда’ од Загреб до Малме (23 јули) ја повика полицијата поради двајца патници кои станаа насилни за време на летот. Авионот беше пречекан од локалната полиција по пристигнувањето на аеродромот во Малме, а овие патници беа отстранети. ‘Рајанер’ има строга политика на нулта толеранција кон неприфатливото однесување на патниците и ќе продолжи да презема решителни мерки за борба против непријатното однесување на патниците, осигурувајќи дека сите патници и екипаж патуваат во безбедна и почитувана средина, без непотребни прекини“, изјавија тие за Net.hr.
Свет
„Никој не е поштеден“: деца и лекари умираат од глад во Газа

Палестинските новороденчиња умираат затоа што нивните мајки од глад го губат млекото. Дури и медицинските лица, кои се обидуваат да ги лекуваат неисхранетите во болницата „Шифа“ во северна Газа, се толку гладни и болни што некои се онесвестиле и морале да им се даваат интравенски течности, објавува британскиот весник „Индипендент“.
Палестинските здравствени службеници велат дека најмалку 111 лица починале од глад вклучувајќи 80 деца, повеќето од нив во последните недели и 10 само во последните 24 часа. Дури и луѓето што се обидуваат да добијат храна на пунктовите за помош ги ризикуваат своите животи. Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека израелските сили убиле повеќе од 1.000 Палестинци, кои се обидувале да добијат храна во Појасот Газа од мај.
Еден лекар го откри обемот на ужасот додека се шири кризата со глад во Газа. Директорот на болницата „Шифа“, Мохамед Абу Салмија, изјави за „Индипендент“ дека најмалку три деца починале од неисхранетост само на неговите одделенија.
„Децата пристигнаа во критична состојба. Беа само кожа и коски. Сите нивни витални органи откажуваа. Беа на самиот крај. Немаше формула. Немаше храна. Дури и млекото во градите на мајките повеќе не се произведуваше“, рече Салмија додавајќи дека неговиот персонал е исто така гладен, работи дење и ноќе без храна и честопати не е во можност да помогне.
Шефот на агенцијата на ОН за палестински бегалци рече дека нејзиниот персонал, како и лекарите и хуманитарните работници, се онесвестуваат на должност во Газа од глад и исцрпеност.
„Никој не е поштеден: оние што се грижат за другите во Газа сега имаат потреба од грижа. Лекарите, медицинските сестри, новинарите и хуманитарните работници се гладни“, рече шефот на UNRWA, Филип Лазарини.
Халед Мохамед ал-Набриси е лекар во Деир ал-Балах, зоната за евакуација: „Болницата со 200 кревети сега сместува над 500 пациенти. Одделенијата за интензивна нега се проширени од 10 на 17 кревети, со зафатеност од 200 проценти. Стотици неисхранети луѓе пристигнуваат во одделот за итни случаи. Многу деца сега страдаат од менингитис“.
Хуманитарниот систем во Газа се распадна
Според палестинските здравствени службеници, израелските сили убиле речиси 60.000 Палестинци во Газа како одговор на нападите на милитантите на Хамас врз Израел во октомври 2023 година, во кои загинаа 1.200 луѓе и се зедоа најмалку 250 заложници.
Но, првпат по почнувањето на војната, палестинските службеници велат дека луѓето сега умираат од глад. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го обвини Израел дека ја принудува Газа на глад со блокирање на помошта. Тој рече дека хуманитарниот систем во Газа се распаднал.
Организациите за човекови права, како што е „Амнести интернешнл“, тврдат дека постојат докази што укажуваат на „континуирана употреба на гладување при спроведувањето на израелскиот геноцид врз Палестинците“.
Во заедничката изјава на 115 хуманитарни организации се наведува:
„Болестите, како акутна водна дијареја, се шират, пазарите се празни, ѓубрето се натрупува, а возрасните паѓаат на улиците од глад и дехидрација. Хуманитарниот систем не откажал, туку е спречен да функционира“.
Фото: Принтскрин