Свет
САД: Жена уапсена во авион откако одбила да стави маска
Патничка со авиокомпанијата „Американ ерлајнс“ е уапсена во авион во Њу Орлеанс откако одбила да носи маска, соопштија локалните власти.
Инцидентот се случил на аеродромот Луис Армстронг, а авионот требало да полета околу 21:30 часот во петокот вечерта кон Далас, објави „Њу Орлеанс адвокејт“.
„Никогаш не сум видел такво нешто“, изјавил патник во авионот, професорот по историја Патрик Мејни, за локалниот весник во Њу Орлеанс.
Мејни посочил дека двајца вооружени полицајци влегле во авионот и ѝ наредиле на жената да излезе, бидејќи не сакала да стави маска, што претставува кршење на федералниот закон за комерцијални летови, пренесува „Њујорк пост“.
„Таа одби да стави маската, а потоа ѝ рекоа да стане. Почна да вреска и да пружа отпор додека беше апсена, а рацете ѝ ги врзаа зад грб. Постојано врескаше десет минути додека ја изнесуваа“, додаде Мејни.
Очевидецот раскажал дека жената упорно повторувала оти не е животно и дека не сака да ја третираат како животно. Американската авиокомпанија потврди дека летот бил одложен, како и дека авионот бил принуден да се врати поради инцидентот.
Уапсената жена се соочува со обвинение за вознемирување на јавниот мир, отпор при апсење и полесен физички напад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Свет
Европската комисија го разгледа развојот на ситуацијата на Блискиот Исток: проценети можните ефекти од прелевањето на конфликтот
Европската комисија денес објави дека го разгледала развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, како и дека ги проценува можните ефекти од прелевањето на конфликтот врз Европската Унија.
Комисијата во соопштението наведува дека ќе се фокусира на управување со какви било негативни последици што произлегуваат од развојот на настаните во регионот, објави Ројтерс.
ЕК истакна дека внимателно ги следи цените на енергијата и нивната испорака, како и дека ќе свика работна група за енергија во соработка со националните власти.
Во исто време, Комисијата го интензивира следењето на потенцијалните прекини во транспортот, особено во Ормутскиот теснец и Црвеното Море, се додава во соопштението.
САД и Израел го нападнаа Иран во саботата во, како што нарекоа, „превентивни напади“, кои дојдоа по неуспехот на неколку рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.
Потоа Иран започна масовни напади како одмазда против Израел и цели поврзани со САД низ целиот регион на Блискиот Исток, објавува Танјуг.
Свет
Почина и сопругата на иранскиот ајатолах: им подлегна на повредите
Мансуре Хоџастех, сопругата на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, почина од повредите здобиени во неодамнешните американско-израелски напади, објавија иранските државни медиуми.
Медиумите потсетуваат дека Хамнеи беше убиен во заеднички американско-израелски напади насочени кон неколку локации во Техеран и неговата околина.
Според иранските државни медиуми, Хоџасте беше повредена во истиот бран напади, а денес им подлегна на повредите.

