Свет
САД: Можно е Израел да го прекршил меѓународното право со нашето оружје
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден вчера објави дека Израел можеби користел оружје добиено од САД со кршење на меѓународното хуманитарно право за време на неговата воена операција во Појасот Газа.
Администрацијата на Бајден додаде дека поради хаотичната ситуација во Газа, не е можно да се прецизираат случаи кога американско оружје било употребено во спротивност со меѓународното право. Затоа, беше одлучено дека израелските објаснувања поврзани со употребата на американско оружје во војната против Хамас се веродостојни.
„Со оглед на големото потпирање на оружјето произведено во САД, разумно е да се процени како израелските сили го користеле во периодот од 7 октомври на начин што не е во согласност со обврските од меѓународното хуманитарно право или со најдобрата практика за ублажување на страдањето на цивилите. Израел не сподели целосни информации за да потврди дали американското одбранбено оружје било користено во акции кои наводно го прекршиле меѓународното хуманитарно право во Газа или на Западниот Брег и во Источен Ерусалим“, се вели во документот доставен до Конгресот на новиот Меморандум за национална безбедност што претседателот Бајден го издаде во февруари оваа година.
Демократскиот сенатор Крис Ван Холен рече дека администрацијата „ги избегнала сите тешки прашања“ и избегнала подетално да ја разгледа можноста дека акциите на Израел заслужуваат суспензија на воената помош.
„Овој извештај противречи на самиот себе затоа што заклучува дека има разумни основи да се верува дека имало кршење на меѓународното право, но во исто време вели дека не го констатира тоа прекршување“, рече Ван Холен.
Повеќе од 34.000 Палестинци беа убиени за време на седуммесечниот израелски напад врз Појасот Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.

