Свет
САД: Нема назнаки дека Русија ќе го употреби нуклеарното оружје распоредено во Белорусија
Американското Министерство за одбрана соопшти дека нема индиции дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, откако Москва најави распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„Ги видовме извештаите за руското соопштение и ќе продолжиме да ја следиме оваа ситуација“, се вели во писмената изјава на прес-службата на Министерството за одбрана. „Не гледаме причина да ја прилагодиме нашата стратешка нуклеарна положба или каква било назнака дека Русија се подготвува да користи нуклеарно оружје. Остануваме посветени на колективната одбрана на НАТО алијансата.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Москва ќе распореди тактичко нуклеарно оружје на територијата на својот сојузник Белорусија, земја на прагот на Европската Унија.
„Нема ништо невообичаено во ова: САД го прават тоа со децении. Тие веќе долго време распоредуваат тактичко нуклеарно оружје на територијата на своите сојузници“, рече Путин во интервју за руската телевизија. „Се договоривме да го сториме истото“, додаде тој, велејќи дека има согласност од Минск.
Според Путин, оваа одлука е поттикната од подготвеноста на Лондон да испрати оружје со осиромашен ураниум во Украина, за што неодамна разговараше британски функционер. Путин се закани дека ќе прибегне кон истиот тип муниција доколку Киев ја добие.
„Русија, се разбира, има со што да возврати. Имаме, без претерување, стотици илјади вакви гранати. Засега нема да ги користиме“, рече рускиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина се противи на конфискацијата на замрзнатиот руски имот
Кина е против какви било еднострани дејства што го кршат меѓународното право и не се одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, коментирајќи ја ситуацијата во врска со конфискацијата на замрзнатите руски средства.
Гуо изјави за „Спутник“ дека сите страни треба да создадат позитивна атмосфера и позитивни услови за решавање на украинската криза, а не обратно.
Тој истакна дека Кина води независна и мирна надворешна политика и дека нејзината позиција во врска со украинскиот конфликт е конзистентна и јасна, односно дека ги поддржува сите напори насочени кон постигнување фер, траен мировен договор што е можно побргу преку дијалог и преговори.
На 12 декември Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на руските средства.
Европската комисија очекува дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра замрзнати руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани во Euroclear во Белгија.
Белгија се спротивставува на конфискацијата и бара од земјите членки на ЕУ гаранции дека земјите ќе го споделат ризикот во случај на последици од таков потег.
ЕУ ѝ понуди на Белгија три гаранции во врска со конфискацијата на руски средства со цел да ја поддржи Украина, но белгиските власти сметаат дека тоа не е доволно за земјата да се одлучи за таков чекор, објави „Политико“, пренесува „Танјуг“.
Во меѓувреме, Централната банка на Русија поднесе тужба против Euroclear за сума од речиси 193 милијарди евра поради обидот на Европската Унија да заплени замрзнати руски средства.
Фото: депозитфотос
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Свет
Фон дер Лајен: Обврска на Европа е да биде одговорна за сопствената безбедност
Европа мора да биде одговорна за сопствената безбедност, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова повеќе не е опција. Тоа е обврска“, изјави Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, објави „Ројтерс“.
Таа објави дека Европа „не може да си дозволи да им одобри на другите да го дефинираат нејзиниот поглед на светот“.
Таа исто така додаде дека иако стратегијата за национална безбедност на САД е точна кога вели дека уделот на Европа во глобалниот БДП се намалува, САД исто така, како што изјави таа, се на истиот пат.
Во новата стратегија за безбедност на САД, што неодамна беше објавена, европските земји се опишани како ослабени сили што го отстапиле својот суверенитет на Европската Унија.
Во документот Европа е повикана и да преземе одговорност за сопствената одбрана, пренесува „Танјуг“.
Фото: депозитфотос

