Свет
САД не можат да ја гарантираат безбедноста на бегалците од „Рукбан“ кои сакаат да се вратат дома
Способноста на Вашингтон да гарантира безбедност за бегалците кои сакаат да се вратат во своите домови од кампот за бегалци „Рукбан“ е недоволна. Освен тоа, Американците не се способни да ги доведат во ред милитантите во зоната Ал-Танф контролирана од САД, се вели во заедничката изјава на шефовите на рускиот и сирискиот штаб за меѓуагенциска координација Михаил Мицинцев и Хусеин Махлуф, пренесува ТАСС.
„Откако темелно ја проучивме ситуацијата, заклучивме дека американската воена база ‘Ал-Танф’ не е доволно способна да осигура безбедност за бегалците од кампот ‘Рукбан’ кои сакаат да се вратат во своите домови. Американската страна е жртва на сопствената деструктивна сириска политика и сега нема никакво влијание врз нелегалните милитантни кланови што дивеат во окупираната зона”, се вели во соопштението.
Како резултат на тоа, сириската влада е подготвена да го чува конвојот од шест хуманитарни возила под контрола на безбедносната служба во Сирија, во соработка со руските воени полициски единици.
Кампот за бегалци „Рукбан“ се појави на сириско-јорданската граница во 2014 година, откако Јордан ја затвори својата граница поради безбедносни и економски проблеми. Областа, која е контролирана од нелегални вооружени банди, се соочува со тешка хуманитарна криза.
На 5 март руското Министерство за одбрана соопшти дека во близина на логорот биле откриени гробишта со 300 свежи гробници. Според министерството, кампот речиси го изгубил својот статус откако се претворил во резерват во кој заложниците се држат со сила.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека повеќето од засолништата во кампот биле несоодветни за живеење во текот на зимата, со ужасни санитарни услови, а храната и другите продукти можеле да се купат само во импровизирани отворени пазари контролирани од терористите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шојгу: Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО
Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Руската Федерација никогаш не била закана за НАТО. Ние немаме ниту геополитички ниту воени интереси да ги нападнеме земјите од блокот, ние едноставно го штитиме нашиот народ на нашите историски територии“, рече Шојгу на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Шангајската организација за соработка (SCO) во главниот град на Казахстан, Астана.
Шојгу нагласи дека Русија секогаш вложувала максимални напори за одржување на стратешката стабилност и рамнотежа на силите во светот, пренесува Интерфакс.
Свет
Трамп: Подготвен сум да го обновам конзервативниот сојуз со Орбан
Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека е подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во видео пораката Трамп изјави дека со нетрпение очекува блиска соработка со Орбан кога, како што наведе, повторно ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД, пренесе АП.
Во својата порака Трамп го нарече Орбан голем човек и истакна дека додека бил претседател на САД, работел со него на подобрување на вредностите и интересите на САД и Унгарија.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.