Свет
САД одбележуваат 19 години од терористичкиот напад во Њујорк и Вашингтон
Во САД денеска се одбележуваат 19 години од терористичкиот напад извршен на 11 септември 2001 година во Њујорк и Вашингтон, кога загинаа речиси 3.000 лица.
Нападите се случија кога терористи киднапираа четири авиони од кои два удрија во кулите близначки на Менхетн, еден во Пентагон, а четвртиот се сруши во руралниот дел од Пенсилванија, бидејќи патниците пружиле отпор.
Одговорност за нападот презеде Ал каеда, чијшто лидер, Осама бин Ладен, беше убиен 10 години подоцна во Пакистан.
Американците традиционално ја одбележуваат годишнината со читање на имињата на загинатите на местото каде што се урнати кулите близначки. Исто така, се одржува и шестминутен молк. Четири минути го симболизираат точното време кога четирите авиони удриле во кулите близначки, Пентагон и Пенсилванија, а останатите две ги претставуваат моментите кога се урнале северната и јужната кула на Светскиот трговски центар.
Кулите се урнале за два часа од ударот на авионите, а во нив загинале 2.606 луѓе, меѓу кои 343 пожарниари и 60 полицајци. 125 луѓе загинале во нападот врз Пентагон.
Загинале сите луѓе во сите четири авиони, вкупно 256, вклучувајќи и 19 киднапери.
Вкупно загинале 2.983 луѓе, државјани на 77 земји во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Урсула фон дер Лајен денеска телефонски ќе разговара со Зеленски
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска телефонски ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други европски лидери, изјави портпарол на ЕК.
Белата куќа претходно соопшти дека Трамп ќе се сретне со Зеленски утре во Палм Бич на Флорида.
Средбата е закажана за 15 часот по локално време и ќе биде посветена на напорите за прекин на војната во Украина.
Свет
Има повредени во рускиот напад врз Киев
Пет лица се повредени во рускиот напад врз Киев синоќа, објави градоначалникот на главниот град, Виталиј Кличко, на Телеграм, цитиран од Укринформ.
„Досега, четворица од повредените во непријателскиот напад добиле медицинска помош. Тројца се хоспитализирани, а еден е прегледан и се лекува надвор од болницата“, рече Кличко.
Според него, пожар избувнал во сервис за автомобили во југозападниот дел на Киев. Во северниот дел на главниот град, остатоци од беспилотни летала паднале во населба со викендици, а во североисточниот дел од градот има остатоци на отворен терен.
Градоначалникот додаде дека сите служби за итни случаи и спасување се на местото на нападот.
Свет
Стотици летови се откажани поради снежната бура што ги зафати Њујорк и Њу Џерси
Стотици летови се откажани поради снежната бура што ги зафати Њујорк и Њу Џерси и поголемиот дел од североисточните држави на САД.
Според FlightAware, кој го следи воздушниот сообраќај во американскиот воздушен простор, во земјата се откажани 1.659 летови – речиси десет пати повеќе од претходниот ден. Предупредувањето за зимска бура останува на сила за регионот, а на некои места има прогноза и за замрзнат дожд.
Националната метеоролошка служба на САД предвидува до 13 сантиметри снег во Њујорк и до 28 сантиметри во областите северно и североисточно од градот.
Локалните власти ги повикаа жителите да избегнуваат патувања и да останат дома доколку е можно.
Според медиумските извештаи, бурата би можела да ги донесе најголемите снежни наноси во градот во последните три години. Летовите се откажани и на аеродромите во Филаделфија и Балтимор, како и во Торонто, најголемиот деловен центар во Канада.

