Свет
САД планираат кривично да ја гонат сопругата на Николас Мадуро за трговија со дрога
Вашингтон, наводно, се подготвува да ја обвини сопругата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во наредните неколку месеци барајќи нејзино гонење за кривични дела, како што се трговија со дрога и корупција, пренесува „Ројтерс“.
Обвиненијата против Цилија Флорес, според четири извори наведени од агенцијата, се верува дека делумно се засноваат на нејзините врски со двајцата внуци, уапсени во 2015 година по спречена трговија со кокаин. Според извештајот, Флорес помогнала во одгледувањето на внуците и одржувала блиска врска со нив.
Ефреин Кампо и Франки Флорес, кои во моментот се во затвор на Флорида, беа уапсени во ноември 2015 година на Хаитите од страна на американската Агенција за борба против дрогата (ДЕА) под обвинение дека планирале да продадат кокаин во вредност од 20 милиони долари во САД. По изјаснувањето за невини, во 2017 година и двајцата беа осудени на 18 години затвор.
Истражителите наводно располагаат со текстуални пораки помеѓу двајцата осудени внуци и Цилија Флорес, во кои, наводно, разговараат за пратка кокаин. „Ројтерс“ признава дека не го видел текстот на наводните пораки.
Претходно, во интервјуата за „Ројтерс“ сега затворенит поранешен телохранител на Флорес, Јазенки Ламас, рече дека таа е свесна за активностите поврзани со дрогата на членовите на нејзиното семејство.
Екстрадиран во САД поради обвиненија за дрога во 2017 година, Ламас се спогоди со американските обвинители признавајќи ги обвиненијата за трговија со дрога по што стана сведок соработник, покажува доверливиот документ на Министерството за правда, цитиран од „Ројтерс“.

Министерот за информации на Венецуела, Хорхе Родригез, жестоко ја критикува статијата за можна кривична пријава против Флорес како одвратна, клеветничка и навредлива.
Портпаролката на Министерството за правда на САД, Никол Навас, одби да даде какви било официјални коментари за статијата, а Цилија Флорес и нејзината канцеларија во националното собрание исто така не понудија коментар.
Кон крајот на март Вашингтон понуди серија награди за информации за петмина високи функционери во владата на Мадуро вклучувајќи 15 милиони долари за Мадуро, поврзани со наводните обвиненија за трговија со дрога.
Според наводите на американските официјални претставници, Мадуро бил лидер на групата за трговија со кокаин наречена „Картел на сонцата“, во која учествувале високи политичари и припадници на венецуелската војска и судството, кои сакале да ги преплават САД со кокаин, притоа зацврстувајќи ја неговата позиција, но и богатството. Доказите против Мадуро наводно биле собирани неколку години од страна на истражителите во Мајами, Њујорк, Хјустон и Вашингтон.
Мадуро жестоко ги отфрли обвиненијата против него и неговите колеги нарекувајќи ги политички мотивирана измислица на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Доналд Трамп, ти си мизерно човечко суштество… Управуваш со меѓународните односи како њујоршки мафијашки изнудувач што некогаш бил во сферата на недвижностите“, рече Мадуро во телевизиското обраќање.
И обвиненијата во март и извештајот за можни кривични пријави против Цилија Флорес доаѓаат во екот на новата кампања на притисок врз Николас Мадуро, кој заедно со својот внатрешен круг беше санкциониран од 2017 година од Министерството за финансии на САД.
Венецуела е во политичка криза од 2019 година кога лидерот на опозицијата, поддржан од САД, Хуан Гваидо, се прогласи за привремен претседател со поддршка од повеќето од западните земји, кои го прогласија реизборот на Николас Мадуро во 2018 година за измама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кремљ: Русија би можела да ја користи морнарицата ако Западот ги заплени нашите бродови
Русија би можела да ја користи својата морнарица за да ги спречи европските сили да ги запленат нејзините бродови, а исто така би можела да возврати и на европскиот превоз ако бидат запленети руски бродови, изјави Николај Патрушев, близок сојузник на претседателот Владимир Путин.
Западните земји се обидуваат да ја исклучат Русија од глобалната трговија и да ѝ го одбијат финансирањето со воведување на повеќе од 30.000 санкции поради војната во Украина.
Тие, исто така, се обидоа да ги блокираат танкерите за нафта за кои се сомнева дека превезуваат руски пратки нафта.
Во јануари, САД запленија танкер за нафта под руско знаме како дел од напорите за ограничување на извозот на венецуелска нафта.
Рускиот претседател Владимир Путин ги опиша ваквите дејствија како пиратство.
„Ако не им пружиме силен отпор, наскоро Британците, Французите, па дури и балтичките земји ќе станат толку арогантни што ќе се обидат да го блокираат пристапот на нашата земја до морињата, барем до оние во Атлантскиот басен“, рече Патрушев, советник на Путин и претседател на Рускиот поморски комитет, за рускиот медиум „Аргументи и факти“.
„Веруваме дека, како и секогаш, најдобриот гарант за безбедноста на пловидбата е морнарицата. Во главните поморски области, вклучувајќи ги и регионите далеку од Русија, мора трајно да бидат распоредени значајни сили, сили способни да ги смират страстите на западните пирати“, рече Патрушев.
РЕ-Дигитал
Русија целосно ќе го блокира Телеграм
Русија се подготвува целосно да ја блокира популарната апликација за пораки Телеграм од 1 април, објави рускиот Телеграм канал База. Руското тело за цензура Роскомнадзор ниту ја потврди ниту ја негираше оваа информација, пишува Украинска правда.
Повикувајќи се на своите извори, База наведува дека Роскомнадзор ќе иницира целосно блокирање на апликацијата, слично на она што го направи со Инстаграм и Фејсбук. Овие социјални мрежи во сопственост на Мета се означени како екстремистички и забранети во Русија. Според истите извори, Телеграм треба да престане да работи на целата територија на Русија, и преку мобилен интернет и преку Wi-Fi мрежи.
Кога беше прашан за најавената блокада, Роскомнадзор кратко рече: „Агенцијата нема што да додаде на претходно објавените информации за ова прашање“.
фото/Depositphotos
Свет
Орбан: Унгарија им помага на САД подобро да го разберат конфликтот во Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека земјата им помага на Соединетите Американски Држави подобро да ја разберат ситуацијата во Централна Европа и конфликтот во Украина со цел да се олесни мирното решение.
Коментирајќи ја посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на Будимпешта, Орбан оцени дека посетата им била од помош на САД.
„Америка е далеку, Централна Европа е комплицирана, тешка за разбирање, а перспективата на војната е сосема поинаква од онаа од тука. Се обидувам да им помогнам на нив, на Американците, обидувајќи се да им дадам поинаква перспектива, поблиска, поширока, поисториска, подлабока, за да можат да донесуваат добри одлуки во мировниот процес“, изјави Орбан во видео порака на Фејсбук.
Државниот секретар на САД во понеделникот за време на посетата на Будимпешта изјави дека односите меѓу Соединетите Американски Држави и Унгарија се во „златна фаза“ и дека се засноваат на солидна соработка, која не е само реторичка, туку и конкретна во областите на економијата и енергетиката.
Тој потсети на блиските врски меѓу Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп и рече дека Трамп е посветен на Унгарија и нејзиниот успех, пренесува Танјуг.
Рубио го повтори ставот на САД дека една од клучните цели е што побрзо да се заврши војната во Украина, додавајќи дека САД ја презеле иницијативата во водењето преговори меѓу Русија и Украина, додека другите меѓународни институции не успеале да постигнат напредок во таа насока.

