Свет
САД повторно се обидуваат да ја сопрат испораката на руските С-400 во Турција

САД побараа од Турција одложување на набавката на руски системи С-400, закажана за јули, до 2020 година во обид да најдат некаква причина за да ја убедат Анкара да го поништи договорот со Москва, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на два анонимни извори.
Според медиумите, Турција моментно го разгледува американското барање, но сé уште не одговорила.
„Русија не знае за плановите на Турција да ја одложи испораката на С-400. Прашањето не беше покренато за време на еден од последните телефонски разговори меѓу рускиот и турскиот претседател“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Оваа вест доаѓа во време на разговорите за можна посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Анкара во јули.
Односите на двете држави се напнати откако Турција потпиша договор со Русија за набавка на С-400 во декември 2017 година, откако Анкара не успеа да добие воздушна одбрана што ја сакаше од САД под соодветни услови.
Американските официјални претставници тврдат дека не само што С-400 ќе биде некомпатибилен со мрежата на НАТО за воздушна одбрана, туку, наводно, претставува закана за врвниот авион на Америка, Ф-35, за кој Турција помага да се произведе и сака да го набави за себе. Вашингтон, наводно, ја прекинал испораката на авиони веќе порачани од Анкара и се верува и дека ќе воведе санкции за Турција поради договорот за С-400.
И покрај притисокот од САД, Анкара во неколку наврати изјави дека продажбата на С-400 во Турција е завршена работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Палестинското прашање и понатаму останува нерешено

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план за Газа на Доналд Трамп не го решава целосно израелско-палестинскиот конфликт, пренесе RT.
Тој нагласи дека Русија го оценува планот како „најдобро што моментално е на преговарачката маса“, но додаде дека „палестинското прашање со тоа не е решено“.
Лавров порача дека конечно решение би било можно само со создавање на палестинска држава во границите од 1967 година, во согласност со резолуциите на ОН, и повтори дека Москва останува посветена на решението со две држави.
Свет
Трамп: Не сум сигурен дека ќе влезам во рајот, но на многумина им го разубавив животот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дека ќе може да влезе во рајот, но додаде дека на многумина им го направил животот подобар.
Изјавата ја даде во претседателскиот авион Air Force One. За време на летот, еден од новинарите што го придружуваа 79-годишниот претседател го праша за неговите претходни коментари кои ги дал во контекст на преговорите за мировниот договор во војната меѓу Русија и Украина.
Трамп уште во август, во емисијата „Fox and Friends“, изјави: „Ако можам да спасам 7.000 луѓе неделно, мислам дека тоа е прилично добро – сакам да се обидам да влезам во рајот, ако е можно. Слушам дека не ми оди добро. Навистина сум на дното на листата. Но ако успеам да влезам во рајот, ова ќе биде една од причините“
На прашањето дали неговите шанси се подобриле по договорот меѓу Израел и Хамас, Трамп сега одговори: „Малку се шегувам. Мислам дека ништо нема да ме одведе во рајот. Можеби не сум предодреден за тоа. Можеби сум во рајот токму сега, додека летаме со Air Force One,“ рече Трамп.
Тој повторно ја обвини администрацијата на Џо Бајден за неспособност и додаде дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку изборите во 2020 година не биле наместени.
Свет
Египетскиот претседател до Израелците: Претворете го овој историски момент во нов почеток

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси ги повика Израелците моментот на потпишување на мировниот договор за Газа да го претворат во нов почеток за поправеден и помирен живот во регионот.
„Погледнете кон подобра иднина за нашите деца,“ рече Сиси по потпишувањето на договорот во Шарм ел-Шеик.
На самитот присуствуваа Доналд Трамп и бројни меѓународни претставници. Обраќајќи му се на Трамп, Сиси додаде: „Господине претседателе, нека војната во Газа биде последната војна на Блискиот Исток.“