Свет
САД: Разговорите со Северна Кореја се движат побрзо од очекуваното

Белата куќа соопшти дека разговорите со Северна Кореја се движат побрзо од очекуваното во пресрет на утрешниот самит во Сингапур. Прелиминарните разговори помеѓу официјалните претставници се одвиваат пред првиот состанок без преседан.
Белата куќа, исто така, потврди дека претседателот Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун ќе одржат состанок еден на еден, само со присуство на преведувачи.
Исходот може да ја одреди судбината на нуклеарната програма на Северна Кореја.
САД инсистираат на тоа дека нема да прифатат ништо помалку од целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров.
Северна Кореја соопшти дека е подготвена да се заложи за денуклеаризација, но дека таа тема е отворен за толкување. Исто така, не е јасно што ќе побара Пјонгјанг за возврат, што е многу тешко да се предвиди, според аналитичарите.
Министерот за надворешни работи на Сингапур, Вивиан Балакришнан, кој синоќа се сретна одделно со Трамп и со Ким, рекол дека двајцата лидери се самоуверени и решителни. Трамп рекол дека има убаво претчувство за средбата со Ким.
Great to be in Singapore, excitement in the air!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) 11 June 2018
Инаку, Трамп и Ким се сместени во одделни хотели, недалеку еден од друг. Силно и бројно обезбедување е поставено низ регионот.
Двајцата лидери ќе се сретнат утре во хотел на островот Сентоса, популарен туристички остров, кој се наоѓа неколку стотина метри од главниот остров на Сингапур.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Речиси 13.000 работници од Филипините пристигнаа во Хрватска оваа година

Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, денес ја претстави Неделата на хрватско-филипинско пријателство во Манила со цел зајакнување на работничките права и обезбедување работни места, објави Министерството за надворешни работи.
Тој информира дека од вкупно 136.194 издадени дозволи за престој и работа од почетокот на годината до 30 септември, 12.809 работници, или 9,4 проценти, потекнуваат од Филипини. Ова ги става на четврто место, зад граѓаните на Босна и Херцеговина, Непал и Србија, според податоците од Министерството за внатрешни работи.
„Со оглед на растечкиот број филипински работници во Хрватска, луѓето претставуваат можеби највредниот аспект на сè поблиските односи меѓу двете земји“, изјави хрватскиот министер.
Свет
Украинци: Русите нападнаа четири камиони на ОН со хуманитарна помош

Руските сили нападнаа четири возила на мисијата за хуманитарна помош на ОН во заедницата Билозирка во регионот Херсон утрово, користејќи беспилотни летала и артилерија, објави началникот на регионалната воена администрација на Херсон, Олександар Прокудин, на Telegram.
„Русија уште еднаш го покажа своето вистинско, одвратно лице со напаѓање на хуманитарна мисија во регионот Херсон. Утрото, во Билозирка, руските сили намерно ги погодија камионите на хуманитарната мисија на ОН со беспилотни летала и артилерија. Тие четири бели возила беа јасно обележани – тоа не беа воена опрема, туку камиони што доставуваа помош до жителите“, рече тој.
Според Прокудин, едниот камион бил целосно уништен во пожарот, другиот сериозно оштетен, додека преостанатите два успеаја да избегаат од нападот. Никој не е повреден.
„Денес, „втората армија на светот“ уништи неколку тони хуманитарна помош. Терористи – нема што повеќе да се каже“, нагласи тој.
фото: принтскрин/телеграм
Свет
Лукашенко: Подготвен сум за голем договор со Америка

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека е подготвен за голем договор со САД нагласувајќи дека Украина мора да остане независна и да не создава проблеми или закани за никого.
Информацијата ја објави белоруската државна новинска агенција „Белта“ по состанокот за развојот на белоруско-американските односи, пишува „Украинска правда“.
Лукашенко нагласи дека политиката за обновување на односите со Вашингтон мора да се базира исклучиво на интересите на Белорусија.
„Без сомнение, нашата политика за обновување на односите со САД исто така мора да се базира исклучиво на белоруските интереси… Ќе чекаме на нивните големи предлози, на голем договор… Подготвени сме да склучиме голем договор со нив“, рече тој.
Тој додаде дека е подготвен за преговори. „На едната страна од вагата се нивните прашања, барања и тврдења; на другата страна се нашите прашања и тврдења. Ќе работиме ли на нив? Ајде да го направиме тоа. Ние сме подготвени за тоа“.
Иако рече дека е задоволен од предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп, тој нагласи дека интересите на Белорусија мора да се земат предвид.
Коментирајќи го ставот на Вашингтон за постигнување мир во Украина, сојузникот на Кремљ рече дека Украина „мора да постои како суверена, независна и мирна држава“.
„Ние сме за запирање на војната сега. Во спротивно, оваа независна суверена држава (Украина) ќе исчезне…“, рече Лукашенко. „Ако Американците сакаат да го решат конфликтот во Украина и да видат некаква улога за нас во него, дури и мала, ние сме подготвени да учествуваме. Го искажавме нашиот став: мир, мир и само мир“.
Тој исто така ги спомена своите неодамнешни средби со Владимир Путин тврдејќи дека руското раководство, кое води војна против Украина три и пол години, е посветено на мирот.
Лукашенко предупреди дека „ниту една ракета ‘томахавк’ нема да реши ништо“ и дека нивната употреба само би ја ескалирала ситуацијата кон нуклеарна војна.
„Претседателот Доналд Трамп го разбира ова подобро од кој било друг бидејќи не брза да го предаде ова смртоносно оружје за длабински напади на руска територија, на што смета претседателот Зеленски“, додаде тој.
Овие изјави доаѓаат по низа дипломатски активности. Во јуни Лукашенко се сретна со Кит Келог, специјалниот претставник на Доналд Трамп за Украина, во Минск, по што белорускиот режим ослободи 14 политички затвореници.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна разговараше телефонски со Трамп во два наврати, а медиумите известуваат дека една од темите била евентуалното стекнување на ракети Томахавк. Кремљ изрази сериозна загриженост за можноста, а Зеленски рече дека притисокот од таква испорака би можел да помогне во завршувањето на војната.