Свет
САД со санкции за претставници на Меѓународниот кривичен суд поради истрагата за Авганистан
САД во средата воведоа санкции против високи функционери на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, вклучително и главната обвинителка Фату Бенсуда, под обвинение за нелегитивни обиди да ги стават Американците на нивна надлежност.
Во изјавата, американскиот државен секретар Мајк Помпео го опиша МКС како темелно нарушена и корумпирана институција поради судската истрага за наводни воени злосторства извршени од службени лица на САД во Авганистан.
„Денеска САД преземаат активности за да ги заштитат Американците од неправедна и нелегитимна истрага на Меѓународниот кривичен суд (МКС), која го загрозува нашиот суверенитет и претставува опасност за САД и за нашите сојузници“, забележа Помпео.
„САД се силен поборник за правда во светот, но не се потписнички на Римскиот статут што го создаде МКС ниту пак некогаш сме ја прифатиле неговата јурисдикција над нашиот персонал. Непромисленоста на МКС нè принуди на овој чекор и не може да му се дозволи на МКС да го спроведе своето политичко таргетирање на персоналот на САД.
Санкциите и визните ограничувања објавени денес се однесуваат на лица кои директно се вклучиле во напорите на МКС да го испитаат персоналот на САД без согласност на САД или материјално ги поддржале лицата кои се назначени за такви дејствија“, продолжи тој.
Меѓу санкционираните се Бенсуда, за нејзино учество во истрагата на персоналот во САД, и шефот на Одделот за надлежност, комплементарност и соработка, Факисо Мочочоко, за обезбедување материјална помош.
Според санкциите, и Бензуда и Мочочоко ќе бидат додадени во списокот на Канцеларијата за контрола на странски средства на специјално означени државјани и блокирани лица при Министерството за финансии на САД. Оние што продолжуваат да ја поддржуваат истрагата исто така може да бидат санкционирани во иднина.
Помпео додаде дека овој потег ја одразува американската посветеност на вистинска правда и одговорност.
„Од судењата во Нирнберг и Токио по Втората светска војна до поновиот суд за поранешна Југославија, Либан и Руанда, САД постојано се обидуваа да го поддржат доброто и да го казнат злото според меѓународното право. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Американците се горди што се залагаат за вистината и за правдата. Немаме намера да дозволиме нелегитимните активности на МКС да станат пречка за тоа“, се вели во неговата изјава.
По објавата, МКС во изјава рече дека одлуката е донесена со декларирана цел да се влијае врз постапките на службените лица на МКС во нивните истраги.
„Нападот врз МКС претставува напад против интересите на жртвите на злосторства за многумина од кои судот претставува последна надеж за правда“, се вели во соопштението.
Реагирајќи на веста, портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја изрази својата загриженост и вети дека „внимателно ќе ги следи настаните по ова прашање и ќе ги анализира сите можни импликации што овој развој може да ги има во однос на спроведувањето на Договорот“.
Создаден преку договор на ОН во 2002 година, МКС требаше да служи како суд за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства кога националните власти не се во можност или одбиваат да гонат. Сепак, четири од големите светски суперсили – САД, Кина, Русија и Индија – одбија да се вклучат поради наводните согледани предрасуди кон нивните граѓани и не го признаваат неговиот авторитет.
Во јуни американскиот претседател Доналд Трамп издаде извршна наредба со која им се дозволува на САД да го блокираат имотот на вработените во МКС и да ги спречи да влезат во земјата. МКС ја опиша одлуката како неприфатлив обид да се меша во владеењето на правото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.