Свет
САД: Средба на Трамп и Мун во април
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, ќе се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп, во Вашингтон на 11 април за да разговараат за Северна Кореја и други прашања поврзани со нивниот воен договор, беше објавено денеска од страна на Белата куќа.
Високи јужнокорејски официјални лица, вклучувајќи го и претседателот Мун, ќе почнат серија средби со своите колеги од САД обидувајќи се да ги продолжат замрените преговори за денуклеаризирање на Северна Кореја, пренесува „Ројтерс“.
„Алијансата меѓу САД и Јужна Кореја останува од суштинско значење за мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров и во регионот“, соопшти Белата куќа.
Неуспехот на Трамп да склучи договор на својата втора средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Ханој во февруари беше удар за Мун, кој изрази уверување дека Ким е подготвен да се откаже од својот нуклеарен арсенал.
Вашингтон и Сеул исто така имаа спор со трошоците на американските сили во Јужна Кореја кога Трамп побара Сеул да вложи повеќе пари за одржување на 28.500 американски војници, според агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

