Свет
САД ја менуваат парадигмата во одбранбениот пристап кон Блискиот Исток
САД ќе останат ангажирани на Блискиот Исток, изјави во средата висок функционер на Пентагон, тврдејќи дека националните безбедносни интереси на Вашингтон се испреплетени во овој регион, пренесува „Ал Арабија“.
„Да бидеме јасни: посветеноста на Америка на безбедност на Блискиот Исток е силна и сигурна. И ако бидеме принудени да одговориме на агресијата, ќе победиме и ќе победиме решително“, рече помошник-секретарот за одбрана за стратегија, планови и способности Мара Карлин.
Карлин истакна дека крајната мисија на САД е да ја поддржи дипломатијата, да го одвраќа конфликтот и да ги брани своите витални интереси.
Во иднина, начинот на кој САД ќе се борат и ќе победуваат нема да биде определен од бројот на војници на терен туку со одржувањето на подготвеноста за брзо реагирање на секоја криза.
Американските политика и влијание на Блискиот Исток претрпеа силен удар уште по инвазијата на Ирак и дополнително беа нарушени за време на администрацијата на Обама. Администрацијата на Трамп, пак, беше обвинета дека не ѝ помогна на Саудиска Арабија да одговори по иранските напади на нафтените полиња во 2019 година.
Откако Џо Бајден беше избран за претседател, неколку надворешнополитички потези беа насочени кон земјите од Заливот и Блискиот Исток, меѓу кои итно замрзнување на продажбата на оружје на традиционалните американски сојузници во регионот.
Карлин рече дека има „промена на парадигмата“ во американскиот пристап кон Блискиот исток, кој се фокусира на повлекување од нереалните цели за трансформација што често се гледани низ призмата на еднострани воени потреби.
Таа вели дека парадигмата сега повеќе се фокусира на компаративните предности во партнерствата и основите на здравата политика, градењето коалиции, усогласувањето на целите и средствата и поставувањето јасни и остварливи цели.
Карлин укажа на релативниот мир во Јемен, натамошната интеграција на Ирак во регионот, единството во рамките на ГЦЦ и постојаниот притисок врз ИС и Ал Каеда.
Директорот на Програмата за безбедност на Блискиот Исток во Центарот за нова американска безбедност, Џонатан Лорд, ја пофали визијата за присуството на Министерството за одбрана на Блискиот Исток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Свет
Европската комисија го разгледа развојот на ситуацијата на Блискиот Исток: проценети можните ефекти од прелевањето на конфликтот
Европската комисија денес објави дека го разгледала развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, како и дека ги проценува можните ефекти од прелевањето на конфликтот врз Европската Унија.
Комисијата во соопштението наведува дека ќе се фокусира на управување со какви било негативни последици што произлегуваат од развојот на настаните во регионот, објави Ројтерс.
ЕК истакна дека внимателно ги следи цените на енергијата и нивната испорака, како и дека ќе свика работна група за енергија во соработка со националните власти.
Во исто време, Комисијата го интензивира следењето на потенцијалните прекини во транспортот, особено во Ормутскиот теснец и Црвеното Море, се додава во соопштението.
САД и Израел го нападнаа Иран во саботата во, како што нарекоа, „превентивни напади“, кои дојдоа по неуспехот на неколку рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.
Потоа Иран започна масовни напади како одмазда против Израел и цели поврзани со САД низ целиот регион на Блискиот Исток, објавува Танјуг.
Свет
Почина и сопругата на иранскиот ајатолах: им подлегна на повредите
Мансуре Хоџастех, сопругата на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, почина од повредите здобиени во неодамнешните американско-израелски напади, објавија иранските државни медиуми.
Медиумите потсетуваат дека Хамнеи беше убиен во заеднички американско-израелски напади насочени кон неколку локации во Техеран и неговата околина.
Според иранските државни медиуми, Хоџасте беше повредена во истиот бран напади, а денес им подлегна на повредите.

