Свет
САД ја предупредија и Унгарија: Спречете го „Хуавеј“ во вашата земја
САД ќе бидат принудени да го намалат опсегот на некои операции во Европа и на други места ако државите од тие подрачја продолжат да соработуваат со кинеската компанија „Хуавеј“, рекол американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во текот на посетата на Унгарија.
„Хуавеј“ е присутен и во Унгарија, а Помпео рекол дека на премиерот Виктор Орбан и на други функционери ќе им објасни дека соработката со таа компанија претставува ризик за информациската безбедност и приватноста и дека би можела да ја осуети соработката со САД.
„Асошиетед прес“ наведува дека САД се загрижени за ширењето на „Хуавеј“ во Европа, особено во членките на НАТО, како што е Унгарија, затоа што ја сметаат компанијата за голема закана.
„Унгарија е суверена држава. Носи сопствени одлуки. Важно е со нив да ги споделиме сознанијата што ги имаме за ризикот што го претставува присуството на ‘Хуавеј’ во нивните мрежи, вистински ризици за народот. Постојат ризици дека Кина може да ги употреби податоците на народот на начин што не е во најдобар интерес на Унгарија. Имаме обврска да го споделиме тоа со нив и тоа и ќе го направиме. Тоа исто така создава проблеми за американското присуство, односно ако таа опрема е присутна таму каде што има важни американски системи, ни отежнува да бидеме партнери“, рекол Помпео, пренесува АП.
САД во повеќе наврати ја обвинија Кина дека користи технологија за крадење тајни и за шпионирање, а Пекинг демантира и порача дека САД сакаат да ја задушат конкуренцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украинскиот тим оди во САД за да разговара за безбедносните гаранции
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека украинската делегација е на пат кон Соединетите Американски Држави за да разговара за безбедносните гаранции и пакет мерки за зајакнување на напредокот на земјата.
Во исто време, тој изрази надеж дека документите за овие прашања би можеле да бидат потпишани на маргините на Светскиот економски форум во Давос следната недела, објави Ројтерс.
На прес-конференција во Киев, Зеленски, исто така, рече дека украинската делегација се надева дека ќе добие појаснувања од САД за ставот на Русија кон дипломатските напори поддржани од Америка за завршување на војната.
Во понеделникот, најавувајќи го состанокот, Зеленски рече дека го слушнал деталниот извештај на преговарачкиот тим за контактите со американската страна и наредил документот за безбедносните гаранции за Украина да се финализира.
Според него, украинската делегација дефинирала јасен план за дејствување за следните 14 дена, што вклучува подготовка на документи и подготовка за нивно евентуално потпишување, а текстот „достигнува ниво што ќе обезбеди стратешка одбрана на земјата“, пренесува Танјуг.
Свет
Чешкиот претседател: Киев е подготвен на болни отстапки заради мирот
Украинското раководство е подготвено да направи низа исклучително тешки компромиси со цел да се стави крај на долготрајниот вооружен конфликт, изјави претседателот на Чешката Република, Петр Павел, за време на неговата посета на Киев.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Павел изјави дека украинската страна веќе вложила огромен напор, условите за евентуален мировен договор да бидат прифатливи за сите вклучени актери. Иако не даде конкретни детали, чешкиот претседател нагласи дека станува збор за „болни отстапки“ што подразбираат значителни жртви за Украина.
„Верувам дека постојат неколку болни отстапки што Украина мора да ги направи и е подготвена да ги направи, под услов тоа да води кон мир“, рече Павел.
Тој додаде дека е потребно сите дипломатски напори на европските земји да бидат координирани со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека без унифициран настап на сојузниците, не може да има одржливо решение.
„Украина направи многу за да се осигури дека предложеното решение е прифатливо“, нагласи Павел, додавајќи дека дипломатијата и способноста на Западот да дејствува како обединет фронт остануваат одлучувачки фактори во наредниот период.
Порано на истиот брифинг, Зеленски призна дека постојат сериозни несогласувања со Белата куќа во врска со нацрт-мировниот договор, наведувајќи дека интересите на страните „не се на иста страна“.
Во пресрет на посетата, украинските медиуми истакнаа дека еден од клучните проблеми е тоа што Вашингтон продолжува да инсистира Киев да ги повлече своите трупи од Донбас, како и дека одбива да им даде безбедносни гаранции на европските трупи во случај на нивно евентуално распоредување на територијата на Украина.
Свет
Германскиот министер за одбрана со порака до Трамп: Кој и да го прекрши меѓународното право, не влегува во историјата како миротворец
Присилната анексија на Гренланд би била „стратешки неразумна“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за NDR, предупредувајќи дека таков потег би предизвикал сериозна штета на безбедносната архитектура на Западот.
Писториус нагласи дека, ако Доналд Трамп е навистина загрижен за безбедноста на Арктикот, порационален пат води преку соработка со сојузниците на НАТО, првенствено со европските партнери.
„Ако Трамп ги убеди Гренланд и Данска да тргнат по мирен пат, тоа е прашање меѓу вклучените земји. Но, ако дојде до насилна анексија, тогаш две работи се јасни: Доналд Трамп дефинитивно нема да влезе во историјата како миротворец“, рече Писториус.
Тој додаде дека од стратешка гледна точка би било „крајно неразумно“ да се остави НАТО на неговата судбина, изразувајќи надеж дека „здравиот разум ќе преовлада“ во американската политика.
На 5 јануари 2026 година, американскиот претседател јавно ги објави плановите за анексија на Гренланд, на што остро се спротивставија данските власти и самата територија. На состанокот на претставниците на САД, Гренланд и Данска, одржан на 14 јануари, не беше постигнат компромис, но беше договорено да се формира работна група за да се разгледа ова прашање.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон го објави почетокот на заедничките вежби на НАТО во Гренланд на 15 јануари, потсетуваат медиумите. Писториус истакна дека извидувачката мисија на Алијансата е поврзана со сè поинтензивното користење на Гренланд од страна на Русија за воени цели.

