Свет
Салвини: Не ја праќам ќерка ми на училиште со маска зад плексиглас
Лидерот на италијанската партија Лига, Матео Салвини, ја нападна министерката за образование, Лучија Ацолина, нарекувајќи ја неспособна да се справи со последиците од пандемијата на коронавирусот, пренесува „Кориере дела сера“.
На изборниот митинг во јужниот италијански град Трани, Матео Салвини ги истакна, според него, апсурдните мерки предложени од Ацолина – член на Движењето Пет ѕвезди – за повторно отворање на италијанските училишта.
Неизбраната влада на Италија под премиерот Џузепе Конте утврди дека децата може да се вратат на училиште на 14 септември, но само со почитување на серија драконски мерки.
„Пред еден месец – не како сенатор, туку како татко – ја прашав министерката Ацолина, која вчера ме нарече троглодит и кловн: Во септември во кое време ќе ја одведам ќерка ми на училиште, во кое време ќе ја земам, колку дена ќе оди на училиште, каде ќе јаде, каде ќе вежба, со колку други деца и со колку наставници?“, објасни Салвини.
„Ѝ реков дека ако ги принудат мојата 7-годишна ќерка и вашите деца да одат на училиште затворено во плексиглас, да носат маски и да седат во клупи на тркала, јас не ја испраќам ќерка ми на училиште. Нашите деца не се поштенски пратки“, истакна тој.
„Министерката обожава да каже дека Салвини има проблем со неа затоа што е жена. Не, имам проблем со неа не затоа што е жена, туку затоа што е неспособна да си ја заврши работата“, посочи Салвини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

