Свет
Салвини со порака до мигрантите на Сицилија: Време е да си ги спакувате куферите
Новиот италијански министер за внатрешни работи и лидер на десничарската Лига, Матео Салвини, кој во неделата беше на Сицилија за да ја промовира својата антимигрантска платформа во Поцало, една од главните точки во земјата на кои пристигнуваат мигранти, нагласи дека тој остров нема да биде бегалски камп на Европа, пренесува „Брејтбарт“.
„Доста беше Сицилија бегалски камп на Европа. Нема само да стојам настрана и да не правам ништо додека тие само доаѓаат и заминуваат. Ни требаат центри за депортација“.
Салвини нагласи дека плановите на владата за емиграцијата не се радикални, туку се одраз на здрав разум и оцени дека засилената депортација и намалувањето на новиот прилив на мигранти ќе спаси животи, но критичарите се сомневаат во изводливоста на неговите планови.
Пристанишниот град Поцало на јужниот дел на Сицилија е на првата линијата на фронтот: едно од главните места каде што воените и хуманитарните чамци ги носат бегалците од Северна Африка и од Блискиот Исток. Контроверзниот договор меѓу поранешната централнолевичарска влада на Италија и властите и милициите во Либија го намали бројот на пристигнувања 75 отсто од летото 2017 година, но од почетокот на годинава италијанските власти регистрирале повеќе од 13.500 пристигнати. Најновиот бран се случи доцна во петокот, само неколку часа откако Салвини даде заклетва, кога околу 158 лица, меѓу кои и 9 деца, пристигнаа во Поцало кога беа спасени од хуманитарен брод во координација со италијанската крајбрежна стража.
Салвини рече дека ќе побара од експерти од неговото министерство решение за намалување бројот на новодојдени мигранти и да го зголеми бројот на протерувања.
„Убавите времиња за нелегалните мигранти завршија – подгответе се да си ги спакувате торбите. Државите мора да почнат да си ја вршат работата. На италијанските пристаништа веќе не смеат да се закотвуваат шверцерите“, рече тој напаѓајќи ги невладините организации што организираат спасување на море и обвинувајќи ги за соучество во трговијата со луѓе.
Италија е главното одредиште на емигрантите, кои од северна Африка стигнуваат во Европа, иако нивниот број во последните месеци опаѓа. Новата италијанска популистичка влада, во која се Лига и Движењето Пет ѕвезди (М5С), стапи на функција минатата недела по осум месеци неизвесност во четвртата најголема економија во Европа. Вицепремиерот на Италија и лидер на коалициската М5С, Луиџи ди Мајо, исто така ги нарече спасувачките НВО-чамци поморско такси иако неговата реторика за миграцијата е поумерена од онаа на Салвини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Свет
Русија нудела размена на Венецуела за Украина, тврди поранешна советничка на Трамп
Уште во 2019 година, руски функционери наводно му сигнализирале на Вашингтон дека се подготвени за необичен договор: ќе им дозволат на САД слободно дејствување во Венецуела, доколку за возврат им се овозможи непречена контрола над Украина. Ова го тврди Фиона Хил, поранешна советничка на Доналд Трамп, која повторно се најде во фокусот на јавноста по неодамнешниот американски напад врз Венецуела, пишува „Киев индипендент“.
Фиона Хил, тогашна главна советничка на Белата куќа за Русија, ги изнела овие детали за време на сведочењето пред Конгресот во ноември 2019 година, во рамки на истрагата за импичментот на претседателот Трамп. Според неа, Кремљ во април истата година ја изнел можноста да се откаже од своето влијание во Венецуела, во замена за целосна контрола над Украина.
Руски функционери, како што навела Хил, „многу силно сигнализирале дека сакаат некако да направат многу чуден договор за размена меѓу Венецуела и Украина“. Иако предлозите од Москва биле „неформални“, пораката била недвосмислена: „Знаете, вие ја имате вашата Монро доктрина. Нè сакате надвор од вашиот двор. Па, знаете, и ние имаме наша верзија на тоа. Вие сте во нашиот двор во Украина“. Хил додала дека била испратена во Русија за да го отфрли тој предлог.
Свет
Би-би-си: Европските лидери стравуваат да не ја изгубат поддршката на Трамп поради Гренланд
На состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во Париз, посветен на мировниот план за Украина, во фокусот неочекувано се најде зголемената тензија околу Гренланд, кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го стави под контрола на САД, пишува Би-Би-Си.
Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека планот за мир е „90 отсто завршен“, европските лидери избегнувале директна конфронтација со Трамп, стравувајќи од губење на американската поддршка. По заедничка изјава на шест европски земји дека иднината на Гренланд треба да се решава колективно во рамки на НАТО и дека одлуката ѝ припаѓа на Данска, Белата куќа возврати дека „разгледува низа опции“, вклучително и купување на островот.
Дополнителна загриженост предизвика изјавата дека употребата на американската војска „секогаш е опција“. Европските лидери предупредуваат дека ваквите закани ја доведуваат во прашање довербата во трансатлантскиот сојуз и ја откриваат слабоста и поделеноста на Европа. Според експерти, ситуацијата околу Гренланд претставува сериозен тест за ЕУ и егзистенцијална дилема за НАТО.
Фото: Depositphotos

