Свет
Само три лица во светот може да патуваат без пасош
Кога патувате во друга земја, најважно е да имате пасош, а тоа важи за повеќето луѓе. Но, има три лица за кои ова правило не важи, односно не им треба пасош за патување.
Станува збор за кралот Чарлс III од Обединетото Кралство, императорот Нарухито од Јапонија и царицата Масако. Пред кралот Чарлс III да ја добие таа привилегија, таа ја имаше кралицата Елизабета Втора, која Чарлс ја наследи на тронот откако најдолговечната британска кралица почина на 8 септември 2022 година.
Значи, овој исклучок важи само за кралот (или кралицата) на Обединетото Кралство, а не и за другите членови на кралското семејство. Ова правило не важи и за сопругата на кралот Чарлс, кралицата Камила, која мора да има дипломатски пасош со себе.
Што се однесува до Јапонија, на 10 мај 1971 година, јапонското министерство издаде документ во кој се наведува дека би било крајно несоодветно да се издава пасош за цар или царица, пишува „Си-ен-би-си ТВ18“.
Во документот, исто така, се додава дека би било крајно несоодветно за царот да се подложи на процедури за имиграција или виза користејќи пасош како обичен граѓанин. Исто така, ваквото право важи само за царот и царицата, додека дипломатски пасоши се издаваат на другите членови на царското семејство, вклучувајќи ги и престолонаследникот и принцезата.
Кога ќе пристигнат во која било земја, од царот и царицата на Јапонија се бара само да покажат документ од локалното министерство, кое ја известува земјата однапред за нивното пристигнување.
Во случајот со кралот Чарлс Трети, таа должност му беше доверена на неговиот личен секретар, Сер Клајв Алдертон, кој е еден од најдоверливите и најомилените советници на кралот и кралицата Камила од 2006 година, една година откако се венчаа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.