Свет
Сателитски снимки покажуваат изградба на ирански нуклеарен објект
Иран почна со изградба на својот нуклеарен објект „Натанц“, покажуваат сателитските снимки објавени во средата во момент кога нуклеарната агенција на ОН призна дека Техеран гради напредна подземна фабрика за склопување центрифуги откако последната експлодира како резултат на саботажа минатото лето, пренесува „Њујок пост“.
Изградбата се случува во период кога САД се приближуваат до денот на изборите, на кои силите ќе си ги одмерат актуелниот претседател Доналд Трамп, чија максимална кампања на притисок против Иран го натера Техеран да ги напушти сите ограничувања на својата атомска програма, и Џо Бајден, кој изрази подготвеност да се врати на нуклеарниот договор. Исходот од гласањето, најверојатно, ќе одлучи кој пристап ќе го прифатат САД.
Зголемените тензии меѓу Иран и САД за малку ќе испровоцираа војна на почетокот на годината.
Од август Иран гради нов или пренаменува постар пат јужно од „Натанц“ кон, според аналитичарите, поранешен полигон на безбедносните сили во објектот за збогатување ураниум, покажуваат снимките од „Планет лабс“ со седиште во Сан Франциско. Сателитската снимка од понеделникот покажува дека локацијата е расчистена и таму има градежна опрема.
Аналитичарите од Центарот за проучување на нуклеарното оружје „ Џејмс Мартин“ при Институтот за меѓународни студии во Мидлбери веруваат дека на ова место се вршат ископувања.
„Тој пат оди и во планините, па може да значи дека тие копаат некаква конструкција што ќе биде во предниот дел и дека ќе има тунел на планините“, вели Џефри Луис, експерт во Институтот што ја проучува иранската нуклеарна програма.
Мисијата на Иран во ОН не одговори на барањето за коментар. Али Акбар Салехи, шеф на Организацијата за атомска енергија на Иран, минатиот месец за државната телевизија изјави дека уништениот надземен објект се заменува со објект во срцето на планините околу „Натанц“.
Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, во вторникот изјави дека неговите инспектори се запознаени со градбата. Тој рече дека Иран претходно ги информирал инспекторите на МААЕ, кои продолжуваат да имаат пристап до локациите во Иран и покрај распадот на нуклеарниот договор.
„Тоа значи дека тие почнале, но не е завршено. Тоа е долг процес“, рече Гроси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

