Свет
Саудиска Арабија издаде упатства за аџиите на кои ќе им биде дозволено да одат во Мека
Саудиска Арабија издаде упатства за 1.000 аџии на кои ќе им биде дозволено да одат на годишниот аџилак во Мека подоцна овој месец, искуство кое ќе поинакво од кога било претходно поради пандемијата на коронавирусот, пренесува „Брејтбарт“.
Аџиите ќе може да пијат само света вода од бунарот Замзам во Мека, која е спакувана во пластични шишиња, а камчињата за отфрлање на злото, што аџиите обично ги собираат по должината на патните правци, ќе бидат стерилизирани и спакувани пред време. Аџиите ќе мора да носат и сопствени молитвени килимчиња.
Упатствата се објавени додека саудиските власти се подготвуваат за многу ограничен аџилак, кој првпат нема да вклучува аџии од странство. Наместо тоа, Кралството соопшти дека 70 отсто од аџиите годинава ќе бидат од странски жители на Саудиска Арабија и 30 отсто би биле саудиски државјани.
Саудиските аџии ќе бидат избрани од здравствените работници и безбедносните лица што закрепнале од Ковид-19, болест предизвикана од вирусот. Владата соопшти дека нивниот избор претставува знак на благодарност за нивната улога во обезбедувањето нега за време на пандемијата.
Саудиска Арабија е меѓу најпогодените од пандемијата на коронавирусот на Блискиот Исток со 3.000-4000 нови случаи денвно. Досега над 213.000 луѓе во Кралството заболеле од вирусот, вклучувајќи 1.968 кои починале.
Новите упатства исто така налагаат странските жители што годинава ќе одат на аџилак да бидат на возраст меѓу 20 и 50 години и претходно да не биле на аџилак. Аџиите ќе мора да бидат во карантин пред и по аџилакот и ќе бидат тестирани на коронавирусот. Тие што имаат право на аџилак треба до петок да поднесат апликација преку веб-страницата на Министерството за аџилак.
Саудиска Арабија драматично го намали бројот на аџии поради загриженоста за пренатрупаност на годишниот аџилак, што обично привлекува околу 2,5 милиона луѓе, велејќи дека нејзината одлука има цел зачувување на глобалното јавно здравје.
Во текот на аџилакот толпите се движат, се молат и стојат во непосредна близина, честопати стиснати рамо до рамо додека ги вршат петдневните обреди во Мека. Како дел од новите безбедносни мерки оваа година властите соопштија дека секој што ќе учествува во аџилакот нема да може да ја допира Каба, која е најсвето место на исламот и метафоричката куќа божја во форма на коцка.
Аџиите годинава треба да носат маски, да одржуваат физичко растојание за време на молитвите и да спијат во шатори што ги почитуваат упатствата за социјално дистанцирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

