Свет
Саудиски произраелски новинар остана без државјанство поради шпионажа
Една од најпознатите произраелски фигури на социјални мрежи во Саудиска Арабија и саудиски новинар изјави дека му е одземено државјанството поради обвиненија за шпионажа, пренесува „Ал Араби“.
Хамид Ал-Габин во серија постови на Твитер тврди дека животот му е во опасност откако му било одземено саудиското државјанство, со што по автоматизам бил исклучен и од племето Азна, откако бил обвинет за шпионирање и криумчарење милиони долари од Саудиска Арабија.
„Меѓу обвиненијата, до министерот за внатрешни работи беше доставено и писмо; разузнавачка соработка со странска земја, шверц на пари проценети на стотици милиони надвор од кралството, управување со офицери и службени лица од друга држава, обезбедување луксузни автомобили за нив“, објасни тој.
Габин побара амнестија и заштита од саудискиот министер за внатрешни работи и од саудискиот пресолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.
„Се надевам дека наскоро ќе можам да испратам порака до мојот господар Мохамед бин Салман и Неговата Екселенција јавниот обвинител за да обезбедат заштита за мене. Моето досие во државната безбедност и генералното разузнавање е многу чисто и тие ме познаваат целосно, без разлика дали сум во Саудиска Арабија или кога бев во Кувајт или Лондон. Не треба да одговорам на ниту еден безбедносен апарат“, напиша тој.
Габин, кој се појави на израелската телевизија, ги обвини саудиските власти од Министерството за внатрешни работи и од службите за државна безбедност за заговор против него. Неговото државјанство било повлечено во декември без објаснување.
И покрај неговото верување дека нормализацијата на односите меѓу Саудиска Арабија со Израел е од суштинско значење за да се заштити Блискиот Исток од Турција и од Иран, не е јасно за која земја наводно шпионирал.
Габин е гласен во своите произраелски ставови и повика на нормализирање на односите меѓу Ријад и Ерусалим. Тој, исто така, ја прифаќа идејата дека Јордан е држава за Палестинците.
Во април 2019 година тој изјави:
„Палестинците кои не прифаќаат да бидат дел од државата Израел треба да бидат депортирани во Јордан. Светот конечно ќе го признае Јордан како место за палестинска државност“, рече тој во април 2019 година и додаде дека кога тоа ќе се случи „ние Арапите нема да се чувствуваме виновни за нормализирање на односите со Израел како друга регионална држава“.
Во септември, Габин тврдеше дека повеќето Арапи ќе застанат со Израел кога станува збор за конфликтот со либанската терористичка група Хезболах.
Земјите од Заливот, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, уживаа во тајни односи со Израел и покрај тоа што немаат воспоставено официјални врски. Во април 2018 година, самиот Бин Салман изјави за „Атлантик“ дека Израелците имаат право на своја земја и дека воспоставувањето врски меѓу Израел и кралството ќе биде од корист за обете страни.
„Верувам дека секој народ, каде било, има право да живее во својата мирна нација. Верувам дека Палестинците и Израелците имаат право да имаат своја земја. Но ние мора да имаме мировен договор за да обезбедиме стабилност за секого и да имаме нормални односи“, рече тој.
Претходно истиот месец, Бин Салман го критикуваше палестинското раководство за пропуштање на секоја можност за мир со Израел со децении, велејќи дека треба да продолжат со преговорите или да замолчат, според сведоци на состанокот меѓу принцот и еврејските лидери во Њујорк.
„Во изминатите 40 години, палестинското раководство ги пропушти сите можности и ги отфрли сите понуди што им беа дадени. Време е Палестинците да ги прифатат понудите и да се согласат да дојдат на преговарачката маса или тие треба да замолчат и да престанат да се жалат “, беше цитиран Бин Салман од израелските медиуми.
Неколку извори од настанот изразија шокираност од жестокоста на забелешките на саудискиот лидер и буквално паднале од столчињата, напиша „Хил“ по настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

