Регион
Саша Поповиќ пред да почине се лекувал во Париз, случајно открил дека е болен кога скршил нога
Саша Поповиќ почина вчера на 70-годишна возраст по тешко боледување. Нецела година Поповиќ се борел со тешката болест, неговото лекување било доверено на лекари во Париз, каде што редовно одел на терапија.
Последните фотографии кои се појавија во јавноста ја зголемија надежта дека Поповиќ ќе ја добие битката, но неговата здравствена состојба се влошила последните месеци.
Како што веќе се пишуваше во медиумите, Саша за тешката болест дознал случајно откако ја скршил ногата. Со оглед на тоа што раната не зараснала по очекуваниот период, лекарите го прегледале целото тело на Поповиќ и за жал откриле дека неговата здравствена состојба не е добра.
Поповиќ починал опкружен со семејството кое цело време му беше најголема поддршка.
„Со неискажлива тага ја известуваме јавноста дека денеска, по кратко и тешко боледување, почина Саша Поповиќ, основач и креативен директор на Гранд продукција. Александар Саша Поповиќ низ децениската работа беше визионер и посветен професионалец. Преку музиката и телевизијата, тој откри и поддржа бројни таленти, обликувајќи го звукот и духот на една ера“, соопштија вчера од продукцијата.
Како млад имал голема љубов кон фудбалот, а извесен период тренираше во клубот Војводина.
Неговиот татко бил мултиинструменталист и пејач на Радио Војводина, поради што сакал неговиот наследник да влезе во светот на музиката и да почне да свири хармоника.
Многумина го паметат од периодот кога свиреше хармоника и беше дел од групата „Слатки грех“, но во светот на музиката влезе многу порано.
Во 1976 година го основа бендот „Лира шоу“, кој изведуваше народна музика. Бендот се засили кога им се придружи Лепа Брена како водечка пејачка.
После тоа, во 1982 година, групата го менува името во „Слатки грех“ и тргнува на турнеја низ поранешна Југославија, постигнувајќи голем успех.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Вториот најголем вид ајкула снимен во близина на хрватски остров
Интересно суштество беше видено минатата недела во морето во близина на Црес, Хрватска.
Вработените во Институтот „Син свет“ добија видео врз основа на кое заклучија, иако не е најјасно, дека најверојатно станува збор за голема ајкула (Cetorhinus maximus). До овој заклучок дојдоа врз основа на карактеристичниот облик на нејзината грбна перка.
Големата ајкула е вид кој е редок, но постојано присутен по должината на источниот јадрански брег.
Повеќето видувања на ова животно доаѓаат од северниот Јадрански дел, вклучувајќи го и Кварнерскиот залив, кој е добро познат како област на Јадранскиот дел со најголема биомаса на зоопланктон, истакнува Институтот.
Тоа е втор најголем вид ајкула во светот, веднаш по кит-ајкулата, и може да достигне должина од повеќе од десет метри.
Тоа е миграторен вид кој се храни со планктон со филтрирање на морето со широко отворена уста и не е опасен за луѓето.
„Со учество во собирањето податоци од страна на јавноста, добиваме вредни информации што им помагаат на научниците во истражувањето и заштитата на морето. Секоја фотографија, секој совет и секој запис во апликацијата придонесува за подобро разбирање и зачувување на нашиот морски екосистем“, рекоа тие.
Регион
(Фото) Загина планинар во Црна Гора
Црногорски планинар загина на планината Хајла. Неговото тело беше пронајдено вчера на црногорската страна од планината, откако беше пријавен за исчезнат во саботата. Спасувачи од Косово и Црна Гора учествуваа во потрагата, а беа известени од хрватски планинари, соопшти Косовската планинска служба за спасување.
Косовската планинска служба за спасување доби повик од косовската полиција во саботата, 21 февруари, за несреќа што се случила на врвот Хајла, на надморска височина од 2.407 метри. Според првичните информации, SOS пораката ја испратила група хрватски планинари. Тие пријавиле дека црногорскиот планинар се лизнал и паднал во клисура на северната падина од врвот и дека изгубиле секаков контакт со него.
Временските услови во областа биле исклучително тешки, што значително ја комплицирало операцијата за пребарување и спасување. Веднаш по приемот на повикот, Косовската планинска служба распоредила тим планински спасувачи и започнала со координирање на операцијата со колегите од Планинската служба за спасување на Црна Гора. Со оглед на географската локација на местото на несреќата и итноста на ситуацијата, започна прекугранична операција.
Екипите, во тесна соработка со црногорските власти и локалните планинари од Рожаје, ја започнаа операцијата во доцните вечерни часови.
Сепак, поради тешките временски услови и слабата видливост, потрагата беше прекината од безбедносни причини и беше одлучено да продолжи во утринските часови.
Во недела, 22 февруари, за време на обемна потрага што се одвиваше во два правци, беше пронајдено безживотното тело на планинарот Ц.Ф..
Телото беше лоцирано на локација позната како „Јама“, на северните падини на Хајла, на територијата на Црна Гора. По завршувањето на процедурите, телото беше транспортирано и предадено на надлежните институции.
Регион
Трагедија на Уна во Хрватска: се превртел чамец, има загинати
Хрватската полиција и припадници на Хрватската горска служба за спасување од утрово трагаат по лица, најверојатно мигранти, кои завршиле во реката Уна кај Хрватска Костајница, пренесува Н1 Хрватска.
Полицајци околу 4:45 часот слушнале повици од реката Уна кај местото Росуље. Веднаш притрчале на помош и пронашле едно живо лице и едно безживотно тело. Бидејќи се сомнева дека во водата има уште лица, започната е спасувачка акција, потврдиле за 24сата од Полициската управа сисачко-мославачка.
Во потрагата се вклучени и дронови за што побрзо лоцирање и извлекување на лицата. Утврдено е дека дошло до превртување на чамец, објави Вечерњи лист.
Како што неофицијално дознава 24сата, во чамецот кој пловел кон хрватскиот брег имало најмалку пет лица, а наводно станува збор за мигранти и криумчар.

