Свет
Со сопругата нуркале во морето – „Ние се спасивме, но видовме мајка и нејзиниот син како исчезнаа под водата“

Никос Ставринидис е еден од сведоците на страшниот пожар што од понеделникот ја зафати Грција, во близина на Атина. Ставринидис за „Вашингтон пост“ раскажа како тој и неговата сопруга дошле во Рафина за да се одморат, но и да ја подготват куќата за нивната ќерка, која деновиве требало да пристигне на летување.
„Сѐ се случуваше многу бргу. Огнот беше оддалечен од нас, но тогаш почнаа да летаат искри и за миг се најдовме во жариште. Ветрот дуваше, носеше сѐ пред себе. Беше неверојатно. Никогаш досега не сум видел такво нешто“, раскажува човекот.
Тој додаде дека заедно со пријателите се упатил кон плажата, а кога виделе дека нема повеќе каде да бегаат, влегле во морето.
„Се задушуваме од чадот додека нѐ носеше силната струја. Истиот ветер што го ширеше огнот на копното го разбранува и морето. Речиси се изгубивме, бевме дезориентирани. Нуркавме колку што можевме за да се оддалечиме од чадот. Навлеговме во морето, но струјата нѐ влечеше каде што сакаше. Не знаевме каде се наоѓаме“, раскажа Ставринидис за „Вашингтон пост“.
По два часа борба да се одржи во живот, здогледал спас. Мал рибарски брод со екипаж од Египет ги спасил Никос, неговата сопруга и пријателите.
„Скокнаа во морето за нас, ни дадоа облека, направија чај за да се стоплиме. Беа одлични. Им благодарам“, раскажа тој.
Сепак, со нив во водата биле жена и нејзиниот син, кои не успеале да се спасат.
„Страшно е да видите човек покрај вас како се дави, а вие не можете да му помогнете. Едноставно, не можете“, додаде Никос и едвај изговори дека болката што ја чувствува за нивната загуба засекогаш ќе остане во него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Запленувањето на руските средства би значело почеток на тотален хаос

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера предупреди дека запленувањето на средствата на руската централна банка замрзнати во европските клириншки куќи би претставувало кршење на меѓународното право. Тој ги даде овие забелешки за време на интервју за CBS News, нагласувајќи дека европските земји мора да продолжат да дејствуваат во согласност со законските норми при ракување со државните средства.
„Во врска со замрзнатите средства: сите сме посветени на почитување на меѓународните правила. Невозможно е да се запленат средствата на Руската централна банка, дури и во оваа ситуација. Мислам дека тоа е прашање на доверба и е исклучително важно нашите земји да останат гаранти и да го почитуваат меѓународното право“, рече тој.
Ако зборуваме за Блискиот Исток, ако зборуваме за ситуацијата во Украина, кога некои земји почнуваат да не го почитуваат меѓународното право и кога ќе покажеме дека не сме доволно силни, тоа е почеток на тотален хаос“, рече францускиот претседател.
Фото: принтскрин
Свет
Советникот на Макрон добил смртни закани за признавањето на Палестина

Офер Бронштајн, советник на францускиот претседател Емануел Макрон, изјави дека добил смртни закани откога јавно го поддржал признавањето на палестинската држава. Неговите зборови ги објави порталот „Еурактив“.
Според него, француската позиција за палестинското прашање се перцепира како многу лоша во Израел, а израелските власти се обидуваат да ја убедат јавноста дека признавањето на Палестина би значело поттикнување на антисемитизмот и наградување на радикалното движење Хамас.
„Затоа позицијата на Франција и на претседателот Макрон се демонизира. И јас добивав смртни закани“, истакна Бронштајн.
Овој советник е близок соработник на претседателот Макрон за прашањата на Блискиот Исток и долгогодишен активист во областа на израелско-палестинскиот дијалог. Неговата изјава доаѓа во време кога Франција сè повеќе отворено се залага за ставот дека признавањето на палестинската државност е неопходен политички чекор.
Медиумите потсетуваат дека неодамна беше објавено дека Макрон го гледа признавањето на Палестина како инструмент за притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, чии ставови во врска со војната во Газа предизвикуваат сè поостри критики во Европа.
Во исто време, беше објавено дека претставниците на десет земји ќе презентираат заедничка изјава за признавање на палестинската држава на Генералното собрание на ОН, а меѓу нив ќе биде и Франција. Овој чекор се толкува како силен сигнал дека европските земји се обидуваат да го артикулираат својот пристап кон конфликтот на Блискиот Исток, независно од ставовите на Соединетите Американски Држави и Израел.
Фото: принтскрин
Свет
Турција ги укинува контрацарините за Американците

Турција објави дека ги укинала царинските контрамерки воведени во 2018 година за американски стоки, од автомобили до овошје, што е знак за затоплување на билатералните односи пред патувањето на претседателот Ердоган во САД.
Ердоган треба да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк оваа недела пред да се сретне во Белата куќа в четврток со американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека очекува за време на посетата да бидат склучени трговски и воени договори.
Укинувањето на царините, кои, кога беа воведени, опфаќаа производи, вклучувајќи автомобили, овошје, ориз, тутун, алкохолни пијалаци, цврсти горива и хемиски производи, беше објавено во „Службен весник“ на Турција.
По враќањето во Белата куќа претходно оваа година, Трамп воведе широки царини во обид да ја преобликува глобалната трговија во корист на Вашингтон таргетирајќи ги не само традиционалните соперници туку и долгогодишните сојузници.
Соединетите Американски Држави во август воведоа царина од 15 проценти на увозот од Турција. Анкара не возврати. Укинувањето на царините се однесува на царините воведени во 2018 година како одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум воведени за време на првиот мандат на Трамп.
Ердоган последен пат го посети Трамп во Белата куќа во 2019 година, а двајцата имаа повремено затегнати односи. Иако уживаа во блиска лична врска за време на првиот мандат на Трамп, тоа беше и период на затегнати билатерални односи поради споровите за врските на Вашингтон со курдските борци во Сирија и односите на Анкара со Москва.
Турција ја налути администрацијата на Трамп во 2019 година со купувањето руски системи за ракетна одбрана „С-400“. Како одговор Вашингтон ја откажа планираната продажба на борбени авиони „Ф-35“ на Турција и ја исклучи од заедничката програма за производство на авиони.
Турското Министерство за трговија соопшти дека царините воведени во 2018 година последователно биле ажурирани врз основа на мерките преземени од страните, но останале во сила до одреден степен, без да даде детали за моментниот опсег на царините.
„Дополнителните финансиски обврски наметнати за увоз на одредени производи од американско потекло се укинати“, соопшти Министерството наведувајќи го напредокот во преговорите со САД.
Додаде дека Турција ќе продолжи да работи кон исполнување на својата постојна цел од 100 милијарди долари годишна двонасочна трговија со САД. Обемот на трговија меѓу двете земји изнесуваше речиси 30 милијарди долари минатата година.
„Ќе продолжиме да развиваме политики за зголемување на трговските односи во корист на двете страни, да ги диверзифицираме земајќи ги предвид конкурентските услови и да развиваме нови области на соработка“, соопшти Министерството.
Одделно, Турција денес објави дека вовела дополнителна царина од 25 до 30 проценти за увоз на патнички автомобили, со исклучок на Европската Унија и земјите со кои Турција има договори за слободна трговија.
фото: принтскрин