Свет
Сведоштво на Украинка: Русите ми ги ставаа рацете во жешка вода, ноктите ми ги вадea, бев жив мртовец
На Украинците заробени во Херсон рацете им ги ставале во врела вода, ноктите им ги ваделе, а гениталиите им ги приклучувале на струја, покажуваат новите извештаи за систематското мачење за време на руската окупација. Главниот обвинител за воени злосторства во Киев, Јуриј Белоусов, вели дека се добиени повеќе од 50.000 пријави за воени злосторства, од кои околу 7.700 се од Херсон и околниот регион, пишува „Телеграф“.
Инспекторите открија 10 локации во областа околу Херсон кои Русија ги користела за приведување и мачење Украинци. Неколкуте жители кои останаа во Херсон за време на речиси деветмесечната окупација претрпеа полициски час, недостиг на храна, партизанска војна и брутална кампања да се принудат да станат руски државјани.
Серијата интервјуа објавени од новинската агенција „Ројтерс“ укажуваат на маките и страдањата на оние кои се изложени на најлош третман од страна на московските сили. Оксана Миненко (44), сметководителка која живеела во Херсон, постојано била приведувана и мачена од руските војници.
Таа го загуби својот сопруг, украински војник, кој загина на првиот ден од руската инвазија бранејќи го градот Антоновски мост. Иако нејзиниот сопруг починал, Миненко била подложена на брутално испрашување додека Русите се обидувале да извлечат детали за украинската војска.
„Една болка доведе до друга“, рече Миненко, опишувајќи како Русите ѝ ги потопувале рацете во врела вода, ѝ ги ваделе ноктите и ја тепале. Оваа 44-годишна жена била толку тешко повредена што морала да направи пластична операција и имала среќа да не го изгуби окото.
„Бев жив леш“, им рече таа на новинарите во импровизираниот центар за хуманитарна помош.
Андриј Коваленко, главен обвинител за воени злосторства на регионот Херсон, рече дека „ова е направено систематски и исцрпно“ за да се извлечат информации за украинската војска. Коваленко (35) бил подложен на исцрпувачки петдневен притвор во август минатата година, изјави тој за „Ројтерс“.
Русите го принудиле да се соблече и му давале електрошокови на гениталиите и ушите.
„ Тоа е како топка да ви лета во главата и да се онесвестите“, рече Коваленко, додавајќи дека мачители го испрашувале за воените дејствија на Украина и складирањето оружје и експлозиви, сомневајќи се дека е член на партизанското движење на отпорот.
Инспекторите откриле еден од најголемите објекти за притвор во областа во внатрешноста на владината зграда. Според украинските власти, се знае дека повеќе од 30 лица биле држени во една соба во подрумот. На ѕидот биле врежани пораки од жртвите, а на една пишувало: „ Живеам за неа“. Десетина жители на Херсон тврдеа дека биле држени во друг објект, кој се користел за тортура и испрашување, полициска зграда која локалното население ја нарекува „дупка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.
Свет
Европска порака до Орбан: „Она што ѝ го правите на Украина е црвена линија, нашето трпение се троши!“
Белгискиот министер за надворешни работи Максима Прево и германскиот шеф на дипломатијата Јохан Вадефул во Берлин ја осудија заканата на Унгарија со вето на европскиот заем за Украина, еден ден по четвртата годишнина од руската инвазија врз земјата.
Вадефул на заедничка прес-конференција со белгискиот колега повторно изрази „запрепастеност“ од однесувањето на Унгарија.
„Унгарија мора да разбере дека трпението на останатите држави членки брзо се троши“, изјави Прево.
Европската унија сака да го усвои дваесеттиот пакет санкции против Русија, како и европски заем од 90 милијарди евра за финансирање на воените и финансиските потреби на Украина во 2026 и 2027 година. Орбан, ги блокира двата проекта и бара Киев најпрво да ги обнови испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој беше оштетен во јануари.
Прево посочи дека сите се свесни за чувствителниот период поради изборите во Унгарија, но да се држат судбината и потребите на Украина како заложник во контекст на војна, тоа за него е црвена линија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која во вторникот беше во Киев, изјави дека ЕУ ќе го одобри заемот за Украина „на овој или на оној начин“, и покрај опструкциите од Будимпешта.
Орбан дополнително ја заостри реториката кон Украина и ЕУ, обидувајќи се да ги прикаже како закана за унгарските национални интереси, пред сè енергетските, во пресрет на изборите во април.
Во средата Орбан изјави дека Украина планира да го наруши унгарскиот енергетски систем и нареди распоредување на војска околу критичната инфраструктура.
Во меѓувреме, според истражување на компанијата „Медиан“, опозициската партија од десниот центар Тиса дополнително ја зголемила предноста пред владејачката Фидес на Орбан.
Анкетата покажува дека Тиса има поддршка од 55 проценти од определените гласачи, наспроти 35 проценти за Фидес. Кога се зема предвид целата популација, 42 проценти ја поддржуваат Тиса, а 31 процент Фидес.
Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април.

