Свет
Северна Кореја им забрани на граѓаните да се смејат и да пијат
На граѓаните на Северна Кореја не им е дозволено да се смеат или да пијат 11 дена, по повод десетгодишнината од смртта на лидерот на земјата Ким Џонг-ил.
Според светските медиуми, државните власти наредиле да нема изразување на среќа во јавноста, додека Северна Кореја ја одбележува смртта на поранешниот севернокорејски лидер.
Ким Јонг-ил владееше со Северна Кореја од 1994 до 2011 година, кога беше наследен од неговиот син Ким Џонг-ун.
„ Во периодот на жалост не смееме да пиеме алкохол, да се смееме или да се занимаваме со лежерни активности“, изјави севернокорејски жител на Синиџи за Радио Слободна Азија.
Истиот извор тврди дека на граѓаните нема да им биде дозволено да одат по намирници на 17 декември, кога се одбележува годишнината од смртта на Ким Џонг-ил.
„ Претходно се случувало да уапсат луѓе кои пиеле или биле пијани во моментот на жалост и биле третирани како идеолошки криминалци. Тие биле однесени и никогаш не биле видени повеќе“, тврди лицето, а пренесува „Дејли мејл“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Берлин под притисок: се бара дијалог меѓу Мерц и Путин
Германскиот канцелар Фридрих Мерц треба директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, изјави Адис Ахметовиќ, експерт за надворешна политика на фракцијата на Социјалдемократската партија на Германија во Бундестагот, во интервју за „Зидојче Цајтунг“.
Ахметовиќ оцени дека фактот што Берлин ги препушта преговорите на двајца американски претприемачи за недвижности – Стив Виткоф и Џаред Кушнер – предизвикува значителна недоверба. Тој го изјави ова коментирајќи го трилатералниот состанок одржан во Абу Даби.
Според него, шефот на германската влада мора да покаже храброст и да преземе поактивна улога во процесот на решавање на конфликтот.
Пред состанокот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва позитивно ги оценила преговорите на делегациите на Русија, Соединетите Американски Држави и Украина во Абу Даби.
Свет
Данската премиерка: Светскиот поредок каков што го знаеме е завршен
Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека ерата на сегашниот светски поредок е завршена, велејќи дека не верува дека некогаш ќе се врати. Таа ја даде изјавата на јавен форум во Париз, каде што учествуваше со премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, пишува „Гардијан“.
Обраќајќи се пред студентите, Фредериксен нагласи: „Светскиот поредок каков што го знаеме е завршен и не мислам дека ќе се врати“. Таа, исто така, предупреди дека „Русија не сака мир со Европа“ и ги повика Европа и САД да „се држат заедно“.
Осврнувајќи се на неодамнешните тензии со САД околу Гренланд, данската премиерка рече дека двете страни делат загриженост за безбедноста на Арктикот и дека ќе „се обидат да најдат заеднички пат со САД“.
Премиерот на Гренланд, Нилсен, исто така, зборуваше за последиците од тензиите со САД врз локалното население.
„Како влада, се соочуваме со задачата да се спротивставиме на надворешните притисоци и да се грижиме за нашите луѓе кои се исплашени и преплашени“, рече тој.
Европа
Холандија доби ретка малцинска влада и најмлад премиер во историјата
Лидерите на политичките партии во Холандија се согласија да формираат ретка малцинска влада, беше објавено во вторник.
Центристичката проевропска партија Д66, која победи на изборите во октомври минатата година, ќе ги здружи силите со конзервативните христијански демократи и десничарската VVD во коалиција која ќе има само 66 места во долниот дом на парламентот со 150 места.
Коалицијата, исто така, нема мнозинство во Сенатот, горниот дом на парламентот, што може да блокира закони донесени во долниот дом, и ќе треба да побара поддршка од опозициските партии за да ги спроведе своите политики.
Владата ќе ја предводи лидерот на Д66, Роб Јетен, 38, кој ќе стане најмладиот премиер во холандската историја.
Се очекува пратениците на партиите да го ратификуваат договорот за коалиција во наредните денови, а формалната презентација се очекува во петок.
Останатите позиции во кабинетот ќе бидат пополнети во наредните недели, а се очекува новата влада официјално да биде именувана во рок од еден месец.

