Свет
Седум италијански карабинери уапсени за трговија со дрога и за тортура
Италија е шокирана од масовниот скандал по апсењето седум карабинери осомничени дека биле вмешани во серија злосторства, од трговија со дрога до незаконски апсења и тортури, пренесува РТ.
Во потег без преседан, обвинителите во северниот италијански град Пјаченца ја затворија и ја изолираа локалната касарна на карабинерите како дел од истрагата против полицајците што дејствувале од неа. Шест локални карабинери се задржани во притвор, а еден е ставен во домашен притвор.
„Ништо што се случуваше во тие бараки не беше легално“, рече главниот обвинител на Пјаченца, Грација Прадела.
Само еден карабинер таму не бил вклучен во, како што рече Прадела, шокантни злосторства.
Карабинерите се дел од италијанските вооружени сили кои се задолжени и со функции од цивилното полициско работење.
Седуммината се обвинети за водење криминални шеми, кои вклучуваат снабдување со дрога на локалните дилери, обезбедување покритие за нив, како и незаконско апсење и тортура врз луѓе – нешто што Прадола го спореди со методите на озлогласените злосторнички синдикати во Италија.
Другите обвиненија изречени против нив по шестмесечната истрага, вклучуваат изнуда, нанесување тешки телесни повреди, проневера, злоупотреба на службената должност и измама.
Полицајците успевале да се извлечат со своите злосторства барем од 2017 година, па дури ни пандемијата на коронавирусот не ги нарушила нивните планови.
„Додека Пјаченца ги броеше мртвите од коронавирус, овие карабиниери им доставуваа дрога на дилерите што останале без стока поради мерките на ограничено движење“, рече обвинителот.
Тие потпишале изјави што укажуваат дека ги проверувале дилерите додека патролирале низ градот за време на карантинот само за да ги прикријат своите шеми за трговија со дрога.
Министерот за одбрана на Италија, Лоренцо Герини, се обиде да го ублажи исходот предизвикан од скандалот. Тој ги осуди постапките на осомничените како неописливи кривични дела, но предупреди дека развојот на настаните не треба да го нарушува имиџот на карабиниерите.
„Одделот е составен од стотици илјади посветени мажи и жени, кои даваат сè од себе за да ги заштитат Италијанците. Командата на карабиниерите веднаш ги суспендира сите осомничени и објави дека размислува за строги дисциплински мерки против нив“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

