Свет
Секој осми човек заразен со Ковид-19 има долготрајни симптоми
Еден од осум луѓе кои страдаат од коронавирусот развива барем еден долгорочен симптом на ковид, според една од најобемните студии досега. Со повеќе од половина милијарда случаи на коронавирус регистрирани ширум светот од почетокот на пандемијата, расте загриженоста за долготрајните симптоми на ковид.
Сепак, речиси ниту едно од постојните истражувања не ги споредило луѓето кои долго време боледуваат од ковид со луѓе кои никогаш не биле заразени, па можно е некои од здравствените проблеми да не се предизвикани од вирусот.
Како дел од новото истражување објавено во медицинското списание „Лансет“, повеќе од 76.400 возрасни лица во Холандија пополниле онлајн прашалник за 23 вообичаени симптоми на долгорочен ковид.
Помеѓу март 2020 година и август 2021 година, секој учесник го пополнил прашалникот 24 пати. Во тој период, повеќе од 4.200 од нив (5,5 отсто) пријавиле дека имаат ковид. Од оние со ковид, повеќе од 21 отсто имале барем еден нов или сериозно влошен симптом три до пет месеци откако се заразиле.
Сепак, речиси девет отсто од контролната група без ковид пријавиле слично зголемување. Ова сугерира дека 12,7 отсто од оние кои имале ковид – околу еден од осум луѓе – страдале од долгорочни симптоми, се вели во студијата.
Истражувањето, исто така, забележа симптоми пред и по инфекцијата со ковид, што им овозможи на истражувачите дополнително да утврдат што е поврзано со вирусот. Утврдено е дека вообичаените долгорочни симптоми на ковид вклучуваат болка во градите, отежнато дишење, болки во мускулите, губење вкус и мирис и општ замор.
Еден од авторите на студијата, Аранка Балеринг од холандскиот универзитет во Гронинген, рече дека долгорочниот ковид е „итен проблем со зголемување на човечките жртви“.
„Со гледање на симптомите кај незаразена контролна група и кај поединци пред и по инфекцијата со САРС-КоВ-2, можеме да ги објасниме симптомите кои можеби произлегле од здравствените аспекти на пандемијата на незаразна болест, како што е стресот предизвикан од ограничувања и несигурност“ – вели таа.
Авторите на студијата рекоа дека истражувањето е ограничено затоа што не ги опфаќа подоцнежните варијанти како делта и омикрон и не собира информации за некои симптоми, како што е маглата во мозокот, кои оттогаш се сметаат за вообичаен знак за долгорочен ковид.
Другиот автор на студијата, Џудит Росмален, рече дека „идните истражувања треба да вклучуваат симптоми на ментално здравје“ како што се депресија и анксиозност, како и аспекти како што се мозочна магла, несоница и чувство на слабеење, дури и по мал напор.
Кристофер Брајтлинг и Рејчел Еванс, експерти од британскиот Универзитет во Лестер кои не беа вклучени во студијата, рекоа дека тоа е „голем напредок“ со оглед на претходните истражувања за долгорочен ковид бидејќи била вклучена и неинфицирана контролна група.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

