Свет
Сестрата на Ким го отфрла дијалогот со Сеул: „Ако се надеваат дека ќе ја свртат ситуацијата со неколку слатки зборови, нема полоша грешка од тоа“
Пјонгјанг нема причина да го продолжи дипломатскиот дијалог со Сеул, изјави денес сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и покрај изразената желба на новиот јужнокорејски претседател Ли Џе Мјунг да ја смири ситуацијата, објави севернокорејската агенција КЦНА.
„Уште еднаш го разјаснуваме официјалниот став, а тоа е дека, без оглед на политиката што ја усвојува Сеул или каков предлог е даден, ние не сме заинтересирани за тоа и нема причина за средба со Република Кореја или за каков било разговор со неа“, рече Ким Џо Џонг, која е исклучително влијателна личност во севернокорејската дипломатија.
Сестрата на Ким Џонг-ун зборуваше за неповратната некомпатибилност меѓу двете земји, кои технички сè уште се во војна. Нивниот конфликт заврши во 1953 година со примирје, но не и со мировен договор.
Нејзината изјава доаѓа откога јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг, кој дојде на власт на почетокот на јуни, вети дека ќе стапи во контакт со Пјонгјанг тврдејќи дека „без разлика каква е цената, мирот е подобар од војната“.
Сеул оттогаш престана да емитува антисевернокорејска пропаганда преку звучници по должината на границата. Набргу потоа Северна Кореја престана да емитува вознемирувачки звуци, што ги вознемируваа жителите на југот во близина на границата дење и ноќе.
Сепак, ова ублажување на тензиите не значи дека Јужна Кореја може да верува во дипломатско ублажување на притисокот, предупреди Ким Џо Џонг. Ако Сеул се надеваше дека ќе ја сврти ситуацијата „со неколку слатки зборови, нема полоша грешка од тоа“, додаде таа.
Новиот претседател на Јужна Кореја изјави дека сака прекуграничен дијалог, без предуслови.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

