Свет
Сеул: Северна Кореја гради фрегата тешка 4.000 тони како надградба за нуклеарен арсенал
Северна Кореја започна со изградба на фрегата тешка 4.000 тони опремена со вертикален систем за лансирање како дел од надградбата на нејзиниот нуклеарен и ракетен арсенал, тврди војската на Јужна Кореја.
Соопштението на јужнокорејската војска беше објавено еден ден откако државните медиуми во Пјонгјанг објавија фотографии од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во посета на бродоградилиште каде се гради нов воен брод, пренесува Јонхап.
„Северна Кореја гради фрегата тешка 4.000 тони во пристанишниот град Нампо. Со оглед на големината на бродот, се проценува дека е способен да носи ракета брод-земја“, изјави јужнокорејски воен претставник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Девојка избоде три лица во Софија, психијатриските клиники одбиваат да ја примат
Дваесет и двегодишна жена денеска избоде тројца мажи во парк во Софија, а еден од нив е во тешка состојба, јавија бугарските медиуми.
Девојката наводно е уапсена во меѓувреме.
Очевидци тврдат дека девојка со голем нож нападнала тројца минувачи во парк, пренесува бугарскиот портал „Новини“ додавајќи дека насекаде имало многу крв.
Наводно, мајката ѝ рекла на полицијата дека ќерка ѝ одбива да ги зема лековите што ѝ биле препишани и дека нејзината состојба нагло се влошила последните денови.
„БНТ њуз“ пренесува дека сите психијатриски клиники во моментот одбиваат да ја примат 22-годишната девојка поради недостиг на простор.
Регион
Инцидент во училиште во Загреб: наместо да го штити влезот, обезбедувањето се опијанило
Вчера, во основно училиште во Хрватска се случил непријатен инцидент – обезбедувањето, кое им било доделено на располагање, се опило, па лицата морале да бидат однесени од полиција. Ова за „Индекс“ го потврдиле и од самото училиште откога од родителите се дознало дека директорот ги известил за непријатноста.
„Еден од службените чувари назначен во училиштето од Градската управа и еден неофицијален гостин во безбедносна опрема, и двајцата очигледно во алкохолизирана состојба, биле пријавени од училиштето во полициска станица и биле приведени.
„Се јавив во сите надлежни служби, Министерството, социјалната служба, Народниот правобранител, Градската управа, надлежниот лекар, а известени се и децата, дежурните наставници, фирмата за обезбедување“, им напиша директорот Ивица Модриќ на родителите, пренесува медиумот.
Во училиштето, според написите, бил и другиот колега на обезбедувачот што работел во училиштето. Тој дошол на училиште веќе во пијана состојба, а потоа двајцата продолжиле да се дружат. Настанот бил реконструиран врз основа на снимки од видеонадзорот. Едниот бил толку пијан што дури и се потпрел на дете, но потоа било констатирано дека нема елементи на кривично дело на штета на детето, туку дека човекот бил многу пијан.
„Извршени се прегледи на камерите на училиштето и беше видливо сѐ што е важно, затоа врз основа на сѐ што е релевантно, што презеде полицијата, и врз основа на извршениот разговор, ќе се преземат понатамошни дејства.
Она што го барам од сите родители е да ги смират децата бидејќи тие, особено учениците, му се потсмеваа на непознатиот, кој се тетерави и додека паѓаше и се држеше за ѕидовите да остане на нозе, дојде во контакт со децата. Истиот тој човек паднал пред училиштето поради состојбата во која се наоѓал“, пишува директорот.
„За среќа, нема поголеми инциденти и нема поголеми последици, но некој ќе треба да одговара за немилиот настан, а апсолутно сите информации ќе ги добиете кога ќе бидат комплетирани и објавени“, објаснува директорот во пораката, пишува медиумот.
„За денешниот настан се шират лажни информации, затоа имајте предвид дека лично ми е непријатно и жалам што лицето задолжено за контрола на влезот во нашето училиште само направи грешка што можеше да има посериозни последици“, додал надлежниот од училиштето.
Свет
Трамп бара ретки метали од Украина во замена за помош; Шолц: Тоа е многу себично
Германскиот канцелар Олаф Шолц остро реагира на идејата на американскиот претседател Доналд Трамп да бара од Украина да ги снабдува Соединетите Американски Држави со ретки метали како услов за финансиска помош за земјата разурната од војна.
Шолц доцна синоќа го изрази своето несогласување со идејата по неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.
Германскиот канцелар смета дека украинските ресурси треба да останат во нападнатата земја за да се финансира нејзината реконструкција по војната. „Треба да ги искористиме ресурсите на земјата за сѐ што ќе биде потребно по војната“, изјави Шолц.
Тој додаде дека користењето на овие средства сега за потребите на поддршка на одбраната би било многу себично и фокусирано само на сопствените интереси. Шолц нагласува дека на Украина во иднина нема да ѝ треба само силна армија, туку и огромни финансиски средства за обнова на земјата.
„Ова се големи задачи, со оглед на огромното уништување што се случува во Украина. Затоа мислам дека би било подобро да се искористат украинските ресурси за подобра иднина“, заклучи Шолц.
Трамп претходно вчера во Овалната соба на Белата куќа рече дека сака „да склучи договор со Украина според кој тие со своите ретки метали и други работи ќе го обезбедат она што им го даваме“. Тој се пожали дека Европа не обезбедила исто ниво на помош за Украина како САД.
Тој нагласи дека украинската влада сигнализирала отвореност кон идејата за размена на своите резерви на литиум, титаниум и други ретки метали за континуирана американска помош. „Украина ја изрази својата подготвеност да соработува во снабдувањето со основни материјали. Многу сектори се потпираат на нив“, додаде тој.