Свет
Се огласи турскиот хирург по смртта на девојката во Белград: „Не згрешив ништо“
Хирургот Серкан Баил, кој во Истанбул ја оперира Британката Морган Рибеиро, која почина во Белград откако ѝ се слоши во авионот, рече дека не направил ништо лошо.
Морган сама си го финансирала патувањето и операцијата на стомакот за која платила 2.500 фунти.
Таа беше оперирана во приватна болница од хирургот Серкан Баил.
„Не направив ништо лошо. Таа почина од белодробна емболија во авионот, а не од компликација по операцијата“, рече тој.
Оваа изјава ја налути мајката на Морган, Ерин, која рече дека лекарите во Белград потврдиле дека ѝ е исечено тенкото црево.
Според мајката, Морган била оперирана на 5 јануари, а докторот ѝ дозволил да се врати дома четири дена подоцна. Компликациите настанале при летот од Истанбул до Велика Британија. Морган слетала во Белград, каде што ѝ била укажана итна помош, но, за жал, починала четири дена подоцна.
„Нејзините витални знаци беа добри кога ја напушти болницата. Најстрашното нешто во оваа ситуација е протекување. Сепак, таа го немаше тоа, па верувам дека почина од белодробна емболија, а не од сепса“, вели докторот, а пренесуваат регионалните медиуми.
Од друга страна, лекарите од Србија ѝ кажале на мајката дека при операцијата ѝ е оштетено тенкото црево.
„Тоа што го тврди докторот не е точно. Таа не умрела од емболија. Нејзиното црево е оштетено. Лекарите ми рекоа дека има висока температура и дека телото ѝ е во септичен шок. Храната од цревата истекувала во крвотокот “, рече мајка ѝ Ерин.
Таа тогаш рекла и дека ќерка ѝ била болна во болницата во Турција, но дека вработените ѝ рекле да стане и да оди малку.
„Можете ли да замислите колкава болка чувствувала. Се пожали дека е лошо. Некој мора да одговара. Овој козметички туризам мора да заврши“, рече таа.
Докторот изјави дека турската полиција во понеделникот била во неговата канцеларија и дека е поведена истрага, но му било дозволено да продолжи со работата.
„Многу сум тажен. Таа беше млада, посакувам ова никогаш да не се случеше. Ова е прв таков случај во мојата кариера. Други двајца луѓе од Англија, кои ја направија истата операција, се презадоволни. Компликации секогаш се случуваат при операција, има ризик. Безбедно е да се дојде во Турција, ова е трагичен инцидент“, изјави докторот.
Властите во Србија и Велика Британија поведоа истрага за смртта на Морган. Претходно, лекарите во Белград мораа да ѝ отстранат дел од цревата за да се обидат да ја спречат инфекцијата.
Но, и покрај сите напори, не успеале да ја спасат и таа починала четири дена подоцна во болница во Белград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Детали од пропаднатиот мировен договор меѓу Русија и Украина: „Киев да гарантира трајна неутралност, а Москва да не напаѓа“
Русија и Украина беа блиску до постигнување мировен договор во пролетта 2022 година, според кој Киев бил подготвен да се посвети на неутралност, пренесува „Велт“ повикувајќи се на нацрт-договорот.
Повикувајќи се на документ од 17 страници од 15 април 2022 година, германскиот весник наведува дека Москва и Киев постигнале начелен договор и дека преостанатите разлики ќе бидат „измазнети“ на самитот меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Според „Велт“, Украина тогаш се обврзала на „постојана неутралност“ без присуство на странско оружје или војници, како и да не „прима, произведува или стекнува“ нуклеарно оружје. Киев, наводно, гарантирал и дека нема да одржува воени вежби со други земји.
За возврат, Русија се обврза да не ја напаѓа Украина, а Киев можеше да добие безбедносни гаранции од САД, Велика Британија, Франција и Кина. Доколку Украина биде нападната, нејзините гаранти ќе го поддржат нејзиното право на самоодбрана во рок од три дена, со ратификација на соодветните договори од секоја држава учесничка, што ќе ги направи правно обврзувачки.
„Велт“ наведува и дека договорот го исклучил рускиот полуостров Крим, како и делови од Донбас од какви било безбедносни гаранции дадени на Украина.
Сепак, не е јасно кои делови на Донбас беа опфатени со клаузулата. Весникот наведува дека иако Русија сакала да се утврдат точните граници на самитот Путин-Зеленски, Киев одбил, инсистирајќи дека тие се засновани на украинско толкување.
Во исто време, Москва наводно сигнализирала дека е подготвена да ги повлече своите војници од украинска територија, но не и од Крим и Донбас. И тоа требаше да разговараат Путин и Зеленски.
Двете страни, исто така, наводно имале големи несогласувања околу големината на украинската војска, бидејќи Киев сакал да задржи многу повеќе војници отколку што Москва била подготвена да дозволи.
„Велт“ објави дека Москва бара рускиот да стане втор официјален јазик во Украина. Русија, наводно, побарала укинување на сите меѓусебни санкции и отфрлање на тужбите, истовремено повикувајќи го Киев да го забрани нацизмот и „агресивниот национализам“. Украина ги одби тие барања, пишува весникот.
Коментирајќи го сега пропаднатиот договор, еден украински преговарач за „Велт“ изјави: „Тоа беше најдобриот договор што можевме да го постигнеме“. Преговарачот исто така изјави дека Киев бил во посилна преговарачка позиција во 2022 година отколку сега.
Руските власти претходно потврдија дека Украина и Русија се блиску до мировен договор, но тврдеа дека напредокот е закочен од тогашниот британски премиер Борис Џонсон, кој наводно го советувал Киев да продолжи со борбите. Џонсон ги отфрли обвинувањата.
Свет
„Смрт за Америка и Израел“: Хутите тврдат дека собориле американски борбен дрон
Јеменската милитантна група Хути соопшти дека соборила американско борбено беспилотно летало MQ-9 Reaper и објави видео на кои се прикажани делови од дронот.
Хутите тврдат дека го собориле дронот со проектил земја-воздух, дел од новата серија напади на бунтовниците оваа недела, по релативно затишје во војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.
Пентагон, Централната команда на САД и американските воздухопловни сили не ја коментираа изјавата на милитантите, но Си-Би-Ес Њуз цитираше неименуван американски функционер кој потврдил дека дронот се урнал во Јемен.
Видеото објавено од Хутите вклучува ракета која е лансирана кон беспилотно летало, а во позадина се слуша како човек го рецитира слоганот на групата по ударот на авионот: „Господ е најголем, смрт за Америка, смрт за Израел, проклетство на Евреи, победа на исламот“.
На видеото се прикажани и неколку главни делови од дронот, вклучувајќи го и логото на General Atomics, која го произведува авионот, како и серискиот број.
Свет
Апокалипса во Кина: силно торнадо руши се’ пред себе, 5 загинати и многу повредени
Најмалку пет лица загинаа, а 33 се повредени во силно торнадо што денеска го погоди јужниот кинески град Гуангжу, јави кинескиот јавен сервис CGTN.
Сеизмолошкиот институт соопшти дека торнадото било на ниво 3, што е две нивоа под највисокото, а увидот за материјалната штета е во тек, објави државната новинска агенција Ксинхуа.
Метеоролошката станица во селото Лијангтиан во округот Бајин, на околу три километри од местото каде што потекнува торнадото, попладнево забележа максимален удар на ветер од 20,6 метри во секунда.
Претходно во текот на денот, градските власти издадоа предупредувања за можна појава на грмотевици, дожд, град и торнада во многу окрузи.
Ова доаѓа додека провинцијата Гуангдонг се бори со рекордни поплави предизвикани од обилните дождови, кои однесоа најмалку четири животи и раселени десетици илјади луѓе низ неколку градови.
Најмалку 10 лица се водат како исчезнати.