Свет
Сѐ помалку Европејци веруваат во победа на Украина, повеќето бараат компромисно решение
Пoддршката за Украина меѓу Европејците останува единствена, но речиси две години по почетокот на руската инвазија, само 10 % од Европејците веруваат дека Украина може да ја победи Русија, покажува истражувањето спроведено во 12 земји од ЕУ, пишува „Гардијан“. Повеќето веруваат дека ќе треба да се најде некаков вид компромис за да се стави крај на војната.
Ова означува делумна промена во размислувањето бидејќи, според медиумот, пред една година мнозинството Европејци веруваа дека Украина треба да си ја врати целата изгубена територија, но оваа година тие изгледаат склони кон пореален пристап и се фокусираа на постигнување мир. Прашањето е, сепак, што значи да се склучи примирје што би било прифатливо, без да биде означено како украински пораз.
„За да ја оправдаат континуираната поддршка за Украина, лидерите на ЕУ ќе треба да го променат начинот на кој зборуваат за војната“, рече коавторот на студијата, Марк Леонард, од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), кој ја предводеше анкетата.
Повеќето Европејци се „очајни да спречат руска победа“, но не веруваат дека Киев може да победи воено, рече Леонард, што значи дека најубедливиот аргумент за сè поскептичната јавност беше дека континуираната помош „може да доведе до одржлив, заемно корисен мир за Киев, а не за Русија“.
Истражувањето спроведено во 12 земји членки на ЕУ (Франција, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Шпанија, Шведска, Романија, Португалија, Грција, Австрија) покажа дека неуспешните украински контраофанзиви и стравувањата од промена на американската политика со евентуалното доаѓање на Доналд Трамп го зголеми песимизмот кај европските жители.
Анкетата беше спроведена во јануари пред повлекувањето на Украина од Авдиивка, каде што Русија ја постигна најзначајната воена победа од заземањето на Бахмут минатиот мај.
Истражувањето покажа дека само еден од 10 Европејци во 12-те анкетирани земји верува дека Украина ќе победи на бојното поле, а двојно повеќе (20 %) предвидуваат победа на Русија. Дури и во најоптимистичките земји членки, како Полска, Шведска и Португалија, само 17 % од испитаниците (1 од 5) веруваат дека Киев може да надвладее.
Во сите земји, најчесто мислењето, кое го делат просечно 37 отсто од испитаниците, беше дека војната ќе заврши со компромисно решение, иако некои земји беа повеќе наклонети кон тој исход од другите.
Во Шведска (50 %), Португалија (48 %) и во Полска (47 %) испитаниците рекоа дека Европа треба да ѝ помогне на Украина да ги постигне своите цели, а во Унгарија (64 %), Грција (59 %), Италија (52 %) ) и Австрија (49 %), испитаниците биле повеќе наклонети кон некаков вид спогодување меѓу Киев и Москва. Во Франција, Германија, Холандија и во Шпанија мислењата беа порамномерно поделени.
Најголем предизвик, велат истражувачите, ќе биде да се одреди кој би бил прифатлив мир за Украина. Тие тврдат дека реториката на ЕУ треба да оди во таа насока, а не повеќе со цел апсолутна победа на Украина. Но, ќе биде тешко да се најде решение, кое нема да биде сфатено и како украински пораз и како руска победа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.