Свет
Се самоуби жената што ги обвини принцот Ендрју и Епштајн за сексуална злоупотреба

Вирџинија Џуфре, жената која ги обвини покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн и принцот Ендрју за сексуален напад, почина, соопшти нејзиното семејство, во Ниргаби, Австралија, каде што живееше во последните неколку години.
„Вирџинија го загуби животот со самоубиство, откако целиот свој живот беше жртва на сексуална злоупотреба и трговија со луѓе. Таа беше бестрашен борец против сексуалното насилство и трговијата со луѓе. Таа беше светлина што им даде моќ на многу преживеани. И покрај сите тешкотии низ кои помина, таа блескаше со неверојатна сила. Ќе ни недостигаш повеќе отколку што зборовите можат да опишат. Светлината на нејзиниот живот беа нејзините деца – Кристијан, Ноа и Емилија“, рече нејзиното семејство.
Портпаролката на полицијата на Западна Австралија, Шелби Брејди, потврди дека службите за итни случаи одговориле на повик од куќа во Ниргаби во петокот вечерта, каде што го пронашле безживотното тело на 41-годишна жена. Ѝ била укажана прва помош, но на лице место била прогласена за мртва. Според властите, „првичните наоди укажуваат дека смртта не е сомнителна“, а истрагата ја водат детективи од Одделот за сериозни кривични дела.
Вирџинија Џуфре била злоставувана од Џефри Епштајн и принцот Ендру
Вирџинија Џуфре беше многу отворена за злоупотребата што ја доживеа. Кога имала 16 години (во 2000 година), Џилијан Максвел ја регрутирала да работи за Џефри Епштајн. Вирџинија Џуфре тврдеше дека двајцата систематски ја договарале и ја принудувале на сексуални односи со Епштајн и други моќни луѓе како дел од сложена мрежа на сексуална експлоатација, од која успеала да избега во 2002 година. Џефри Епштајн изврши самоубиство во август 2019 година во затвор во Њујорк додека чекаше судење по обвинението за трговија со деца за сексуална трговија со деца.
Вирџинија Џуфре, исто така, тврдеше дека Епштајн и Максвел ја подведувале кај богати и моќни мажи, вклучувајќи го и принцот Ендрју, кој постојано негираше каква било вмешаност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски вели дека украинската армија ги продолжува операциите во рускиот регион Курск

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека украинската армија ги продолжува операциите во рускиот регион Курск.
– Нашите сили ги продолжуваат активните одбранбени операции во одредени подрачја на (руските) области Курск и Белгородск, истакна Зеленски.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави Курск е целосно ослободен.
Русија повторно воспостави контрола над Курск. Авантурата на режимот на Киев целосно пропадна, изјави вчера Путин.
Претставници на украинската армија вчера ги демантираа тврдењата на Путин и на Генералштабот на руската армија дека Курск е ослободен.
Свет
Русија лансираше 97 беспилотни летала во неколку региони низ Украина

Во текот на ноќта, Русија лансираше 97 беспилотни летала во неколку региони низ Украина, соопштија Воздухопловните сили на вооружените сили на Украина.
Воздухопловните сили објавија на Телеграм дека украинските сили собориле 66 руски беспилотни летала во текот на ноќта.
Во голем број украински региони е прогласена воздушна опасност поради лансирање руски беспилотни летала, вклучувајќи ги Полтавската и Харковската област, Одеса, Киев, Суми, Чернигов, Днепропетровск и Запорожје
Свет
Од денеска за верниците се отвора гробницата на папата Франциско во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим

Од денеска гробницата на папата Франциско во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим ќе биде отворена за верниците, соопшти Ватикан.
Папата, кој почина на 88-годишна возраст на 21 април од мозочен удар, беше погребан вчера во гробница одвоена помеѓу две капели во римската базилика, по церемонија на жалост одржана во Ватикан. Церемонијата на поставување на ковчегот траеше околу половина час.
На погребот во базиликата Санта Марија Маџоре присуствуваа само најблиските, а едноставниот, дрвен ковчег на папата беше пречекан со ѕвона.
На мисата во Ватикан, според официјалните податоци од Ватикан, присуствуваа околу 250.000 луѓе, како и 170 странски делегации. Меѓу нив имаше шефови на држави и влади, монарси, поранешни државници, политичари од Италија и други земји, интелектуалци, уметници. Подоцна, италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози изјави дека најмалку 400.000 луѓе присуствувале на погребот на папата Франциск, собрани на плоштадот „Свети Петар“ и по улиците на Рим.
Целиот настан го следеа околу 2.700 акредитирани новинари.