Свет
СЗО: Ако сакате да изгубите тежина, не користете вештачки засладувачи
Луѓето треба да избегнуваат да користат алтернативни засладувачи за контрола на својата тежина, велат експертите од Светската здравствена организација. Нискокалорични или некалорични засладувачи се користат наместо шеќер за засладување на храната и пијалаците и може да се најдат во производи, како десерти и готови оброци, колачи, пијалаци, гуми за џвакање и паста за заби.
Новите упатства на Светската здравствена организација (СЗО) ги охрабруваат луѓето да не користат засладувачи без шеќер (NSS) како средство за контрола на тежината, пишува германската новинска агенција ДПА.
Внесувањето слободни шеќери е поврзано со зголемување на бројот на луѓе со прекумерна тежина, како и со зголемување на бројот на случаи на дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести, рак и расипување на забите.
Со фокус на намалување на внесувањето шеќер, СЗО наведува дека постои „зголемен интерес за засладувачите без шеќер како можна алтернатива“. Поради способноста на вештачките и природните засладувачи да обезбедат сладок вкус без калории, некои тврдат дека тие може да помогнат во спречување прекумерна тежина или дебелина.
Но, други сугерираат дека тие би можеле да го зголемат ризикот. Како резултат на тоа СЗО презеде преглед на студии што ги испитуваа ефектите на таквите засладувачи. Севкупно, експертите на СЗО испитуваа податоци од 283 студии спроведени на возрасни, деца, бремени жени или мешани популации.
Резултатите сугерираат дека „употребата на засладувачи без шеќер не дава никаква долгорочна корист во намалувањето на телесните масти кај возрасни или деца“. Авторите на студијата рекоа дека краткорочната употреба на засладувачи без шеќер може да доведе до помало губење на тежината „кога нивното внесување е поврзано со намалување на вкупното внесување енергија“.
СЗО исто така рече дека може да има негативни ефекти поврзани со долготрајната употреба, како што се зголемен ризик од дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести и смрт. Но, авторите додаваат дека е потребно дополнително истражување.
Како резултат на студијата, СЗО објави ново условно упатство, кое препорачува засладувачите без шеќер да не се користат за контрола на телесната тежина или за намалување на ризикот од незаразни болести. Препораката се однесува на сите лица, освен оние со претходно постоен дијабетес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белата куќа за Иран: Трамп ја следи ситуацијата, може да има сериозни последици
Американскиот претседател Доналд Трамп внимателно ја следи ситуацијата на терен во Иран, изјави денес портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Таа додаде дека Трамп и неговиот тим го предупредиле Техеран дека ќе има „тешки последици ако продолжат убиствата поврзани со владината репресија“, пренесува Ројтерс.
Трамп вчера изјави дека му било кажано дека убиствата како дел од иранската репресија на протестите низ целата земја се намалуваат и дека верува дека во моментов нема план за масовни егзекуции, иако тензиите меѓу Техеран и Вашингтон остануваат високи.
„Ќе бидеме многу вознемирени ако егзекуциите продолжат“, рече Трамп.
Тој не ја исклучи воената акција на САД, велејќи дека ќе „следи како се одвива процесот“, истакнувајќи дека американската администрација добила „многу охрабрувачка порака“ од Иран.
Протестите во Иран започнаа на 28 декември 2025 година поради девалвацијата на локалната валута, иранскиот риал, а на 8 јануари, по повикот на Реза Пахлави, син на шахот на Иран, кој беше соборен во 1979 година, протестните маршеви се интензивираа низ целата земја.
Истиот ден, интернетот беше исклучен, а во неколку ирански градови протестите се претворија во судири со полицијата и беа придружени со скандирања против иранскиот политички систем.
Беше објавено дека имало жртви и меѓу безбедносните сили и меѓу демонстрантите.
Иранските власти, обвинувајќи ги САД и Израел за организирање на немирите, на 12 јануари објавија дека ситуацијата е ставена под контрола.
Свет
(Видео) Мерц: Русија е европска земја, стабилните односи со неа се клучни за иднината на ЕУ
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Русија е европска земја и изрази надеж дека Европската Унија ќе успее да постигне рамнотежа во односите со Москва.
Зборувајќи пред бизнисмени на новогодишен прием во Хале, Мерц рече дека стабилноста во односите со најголемиот сосед на Европа е клучна за иднината на Европа и Германија, пренесуваат медиумите.
Germany's Merz:
Russia is a European country, our largest neighbor.
If we succeed, in the longer term, in once again finding a balance with Russia—if peace prevails, if freedom is guaranteed—if we succeed in all of this, ladies and gentlemen, then the European Union, and we in… pic.twitter.com/zYBfxawgr9
— Clash Report (@clashreport) January 15, 2026
„Ако успееме да го вратиме мирот и слободата во Европа, ако конечно најдеме рамнотежа во односите со нашиот најголем европски сосед, зборувам за Русија, ако владее мир и ако се обезбеди слобода, ако успееме во сето ова, тогаш Европската Унија, а со тоа и ние во Германија, ќе го положиме следниот тест и по 2026 година ќе можеме да гледаме кон иднината со доверба“, рече Мерц.
Канцеларот, според написите, нагласил дека неговата изјава не е поврзана со фактот дека се наоѓа во источниот дел на Германија.
„Го велам тоа каде и да сум во Германија“, рече Мерц, додавајќи дека „Русија е европска земја“.
Фото: ЕПА
Свет
Претседателот на Чешка: Американското преземање на Гренланд би претставувало сериозна закана за НАТО
Претседателот на Чешка, Петр Павел, денес предупреди дека нема прашање за безбедноста на Гренланд што не може да се реши со разговори на сојузниците во рамките на НАТО и дека американската анексија на тој дански остров би значела сериозна закана за кредибилитетот на западниот воен сојуз и принципите врз кои е основан.
„Кога едната страна е целосно отворена за разговори, нема смисла да се преземаат какви било присилни мерки. Какви и да се приговорите на САД во врска со Гренланд и одбраната, тие можат да се решат преку преговори на сојузниците“, рече Павел за време на неговата посета на Украина.
Павел рече дека Данска е отворена за разговори за посилно американско присуство и почести воени вежби, вклучително и користење на минералното богатство на островот, и предупреди дека секое воено решение веднаш ќе биде искористено од непријателите на Западниот сојуз.
„Тоа навистина би им било од рака и верувам дека ниту европските сојузници ниту САД не го сакаат тоа“, рече чешкиот претседател.
Павел, кој утре во Киев ќе се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дојде по трет пат од почетокот на руската инвазија на Украина, каде што разговараше за можна соработка во областа на противвоздушната одбрана, како што направи и новиот чешки министер за надворешни работи Петр Мацинка една недела претходно.
И двајцата им потврдија на украинските претставници дека меѓународната иницијатива „Муниција за Украина“, која ја координира Чешка, нема да биде суспендирана, иако партиите што ја сочинуваат новата чешка влада претходно се заканија дека ќе го сторат тоа кога ќе дојдат на власт.

