Свет
СЗО: Европа е на пресвртница во борбата со коронавирусот
Европа е на пресвртница во борбата со коронавирусот поради порастот на бројот на заболени, почетокот на школската година и пристигнувањето на есента, предупреди директорот на Светската здравствена организација за вонредни ситуации, Мајкл Рајан.
„Време е да го прекинеме ловот на фатаморгана и да донесеме тешки одлуки за да ги заштитиме најранливите и да им овозможиме на децата да одат на училиште, па и по цена на неизбежни жртви“, рече Рајан на виртуелна прес-конеференција.
„Во Европа луѓето набргу ќе почнат да се враќаат во затворените простории. Притисокот на вирусот ќе се зголеми“, додаде тој на виртуелна прес-конеференција.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во понеделеникот рече дека светот е далеку од крајот на епидемијата и дека бројот на починати засега е на релативно ниско ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Медведев: Околу 450.000 луѓе потпишале договори за воена служба во 2024 година
Заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев денеска изјави дека во 2024 година околу 450.000 луѓе потпишале договори за воена служба со руското Министерство за одбрана.
Тој исто така рече дека повеќе од 40.000 Руси се приклучиле на волонтерски формации и отишле во зоната на „специјалната воена операција“ во Украина, пренесе Интерфакс.
Медведев нагласи дека целта што ја постави рускиот претседател Владимир Путин за минатата година е исполнета и дека во просек повеќе од илјада луѓе дневно го потпишуваат договорот во текот на 2024 година.
Свет
Во Латвија има 1.562 атомски засолништа, се размислува за изградба на нови
Во Латвија има 1.562 атомски засолништа, а се размислува за изградба на нови, покажува истражувањето на Државната противпожарна и спасувачка служба (ВУГД). Овие објекти може да примат 533.000 луѓе, наведува порталот „ЛСМ плус“ додавајќи дека Латвија има приближно 1,8 милион жители. Првиот човек на ВУГД, Мартинш Балтманис, вели дека службата досега извршила контрола само на објекти во сопственост на државата и општините, од вкупно 4.710 објекти како такви.
„Според Државната копнена служба, во Латвија има 28.000 такви згради. Значи, има уште 23.000 згради што имаат подземен или подрумски дел, тоа се секако приватни сопственици, но мора да почекаме измени во законот. Ова истражување го направивме за да видиме колку прифатилиштата се усогласени со упатствата“, рече тој и додаде дека едно од насоките е прифатилиштето да биде 0,75 квадратни метри од лице.
Министерот за внатрешни работи, Рихардс Козловскис, посочи дека луѓето треба да разберат оти засолништата се привремени места на живеење, каде што, на пример, во случај на воздушен напад, кога се огласуваат сирените, луѓето може да се засолнат два или три часа додека е во сила алармот. Како што е наведено во планот, воведувањето на специјалната апликација на ВУГД, „112 Латвија“, на граѓаните ќе им покаже каде се најблиските засолништа, како и најбрзиот начин да дојдат до нив.
Во главниот град Рига има речиси 400 засолништа што работат како јавни институции, а најголем број од нив се образовните институции – училишта и градинки, кои имаат капацитет за приближно 200.000 луѓе, што е околу една третина од граѓаните на градот, известува порталот „ЛСМ плус“.
На 32 локации се поставени табли за зелени засолништа, соопшти Градскиот совет на Рига, додавајќи дека тоа значи оти се почитувани сите процедури – целосно соодветни простории и лица одговорни за отклучување на објектите во рок од 24 часа во случај на криза.
Заменик-градоначалничката на Рига, Линда Озола, рече дека во годинешниот буџет на Рига се наменети 1,5 милион евра за реновирање и подобрување на прифатилиштата, а се очекува оваа сума да овозможи реновирање на 30 прифатилишта.
„Ги идентификувавме овие 30 локации“.
„Исто така, многу јасно е дека 49-тото средно училиште е една од локациите каде што годинава ќе се спроведуваат подобрувања“, рече таа. Почнувајќи од оваа година, со цел да ги мотивира приватните сопственици да поставуваат засолништа на своите имоти, Градското собрание на Рига воведе даночни олеснувања до 25 проценти од даноците на недвижности за компаниите што се приспособуваат, подобруваат и, доколку е потребно, градат засолништа и се планира кофинансирање и за сопствениците на куќи што сакаат да постават засолништа на приватно земјиште.
„Луѓето треба да преземат одговорност за сопствената безбедност. Никој од општината нема да влезе во подрумите на приватни куќи или станбени блокови, нема да изнесува стари гуми или мебел надвор“, изјави градоначалникот на Рига, Вилнис Ќирсис, пренесува „Танјуг“.
Свет
Песков: Путин е подготвен за контакт со Трамп, Москва чека сигнали
Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за контакт со американскиот претседател, Доналд Трамп, Москва чека сигнали и навремено ќе ја информира јавноста за можен разговор, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Слушајте, Путин е подготвен, чекаме сигнали, сите се подготвени“, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање дали очекува контакти меѓу претседателите на Русија и САД во текот на викендот додавајќи дека е тешко да се погоди што ќе се случи, објави „РИА новости“.
Песков исто така рече дека конфликтот во Украина произлегува од заканата за руската национална безбедност и целосното одбивање на Западот да ја слушне загриженоста на руската страна за заканите за Русите што живеат на територии кои еднострано прогласија отцепување од Украина.
Песков претходно рече дека не гледа ништо ново во предупредувањата и плановите на Трамп за прекин на конфликтот.
Кремљ, и покрај економските предизвици и загубите во војната, верува дека може да го издржи продолжувањето на конфликтот најмалку уште една година, пишува „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на извори. Рускиот буџет е оптоварен со огромни инвестиции во одбранбената индустрија и компензација за семејствата на загинатите и ранетите војници, а инфлацијата го зголемува притисокот. Сепак, аналитичарите посочуваат дека Москва сè уште има ресурси да ја продолжи војната, а руските сили прават бавен, но стратешки напредок на украинска територија.