Свет
СЗО: Ковид-19 и натаму е глобална вонредна состојба
Светската здравствена организација објави дека Ковид-19 сè уште е глобална вонредна состојба, речиси две и пол години откако првпат беше прогласена.
Комитетот за вонредни состојби, составен од независни експерти, во соопштението потенцираше дека зголемениот број случаи, постојаната еволуција на вирусот и притисокот врз здравствените услуги во голем број земји значат дека состојбата сè уште е вонредна.
Бројот на пријавени случаи во СЗО се зголеми за 30 отсто во последните две недели, иако зголемениот имунитет на населението, главно благодарение на вакцините, значително ги намали хоспитализирањата и смртните случаи, се вели во соопштението.
„Ковид-19 е далеку од завршен“, рече генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на виртуелна прес-конференција во Женева. „Додека вирусот нè притиска, ние мора да го потиснеме“.
Поради Ковид-19, на 30 јануари 2020 година, Светската здравствена организација за првпат прогласи највисоко ниво на предупредување, познато како јавно здравствена вонредна состојба од меѓународно значење.
Таквата одлука може да помогне да се забрзаат истражувањата, финансирањето и меѓународните јавно-здравствени мерки за борба против болеста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

