Свет
СЗО не ги препорачува ковид-пасошите

Висок официјален претставник на Светската здравствена организација рече дека таканаречените ковид-пасоши не треба да се користат за меѓународни патувања поради бројни проблеми, вклучително и етички причини бидејќи вакцините за коронавирус не се лесно достапни на глобално ниво.
На брифинг со новинарите шефот на Одделот за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, рече дека постојат практични и етички разгледувања за земјите што размислуваат да користат сертификати за вакцини како услов за патување, додавајќи дека здравствената агенција на Обединетите нации засега не ги препорачува.
„Вакцинацијата едноставно не е достапна ширум светот и не е достапна на фер основа“, рече Рајан.
СЗО претходно забележа дека сè уште не е познато колку трае имунитетот од вакцините и дека податоците сè уште се собираат.
Рајан, исто така, истакна дека стратегијата може да биде неправедна за луѓето кои поради некоја причина не можат да се вакцинираат и дека барањето ковид-пасош може да дозволи неправдата и неправедноста дополнително да се вметнат во системот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.