Свет
СЗО: Пандемијата се шири, но растот на нови случаи забавува
Пандемијата на коронавирусот сè уште се шири, но зголемувањето на бројот на нови инфекции и смртни случаи од последиците од Ковид-19 е забавено на глобално ниво.
Исклучоци, како што се наведува, се Југоисточна Азија и источен Медитеран.
Во неодамнешниот извештај за пандемијата, објавен во понеделникот, СЗО рече дека Северна и Јужна Америка продолжуваат да бидат најтешко погодените региони во кои се потврдени половина од бројот на новозаразените од повеќе од 1,7 милион и 62 процента од 39.240 смртни случаи од последиците на Ковид-19.
Во текот на минатата недела бројот на заразени лица опадна четири проценти во однос на претходната недела, а бројот на починати се намали 12 проценти, изјави СЗО, пренесува „Ројтерс“.
Југоисточна Азија, втора во светот во однос на сериозноста на епидемиолошката состојба, објави зголемување на бројот на новозаразени од 28 проценти, а бројот на починати од короната се зголеми 15 проценти.
Бројот на заболени од Ковид-19 во регионот на источен Медитеран исто така е зголемен четири проценти, а бројот на смртни случаи како резултат на оваа болест постојано се намалува во последните шест недели.
Бројот на нови инфекции и смртни случаи од коронавирус во Африка се намали за осум до единаесет проценти минатата недела, се вели во извештајот на СЗО.
Во Европската Унија бројот на нови пријавени случаи на Ковид-19 се зголемува во последните три недели.
Во текот на минатата недела само малку се зголеми, еден процент, а бројот на починати од последиците од инфекција со коронавирус продолжува да расте.
Регионот на Западен Пацифик бележи пад од пет проценти на нови инфекции, според податоците на СЗО.
Според статистиката на „Ројтерс“, над 23,65 милиони луѓе во светот досега биле заразени од коронавирусот, а 811.895 пациенти починале како резултат на болеста предизвикана од него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.

