Свет
СЗО: Постои голема веројатност корона вирусот да се прошири и надвор од Кина
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека постои голема веројатност новиот корона вирус да се прошири и во други делови на Кина, како и во други земји.
„Во наредните денови може да се очекуваат повеќе случаи во другите делови на Кина, како и во други земји“, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.
Засега во Кина најмногу случаи се забележани во градот Вухан, а се верува дека се проширил од пазарите со морска храна иако изолирани случаи се регистрирани и во Шангај и во Пекинг.
Запрашан за причините за појавување нови случаи, Јашаревиќ рекол дека Кина го зголемува надзорот над вирусот.
„Ако ги зајакнете надзорот и тестирањето, големи се шансите да има нови случаи“, рекол тој.
Вирусот стигна и до САД. Маж, кој неодамна се вратил во Сиетл од Вухан, каде што бил на пат, е прво лице заразено со новиот вирус во Америка. Американскиот државјанин не покажувал симптоми кога се вратил во земјата минатата среда кога сè уште не беа прегледувани патниците од Кина на неколку аеродроми во САД.
Мажот е хоспитализиран и е во добра состојба и претставува мал ризик за другите.
Се верува дека сите меѓународни случаи на вирусот се поврзани со првобитната појава на вирусот во Вухан. Освен во Кина, заболени од вирусот има во Хонгконг, САД, Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија и на Тајван.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Сакаме парче мраз за да го заштитиме светот, ќе ја изградиме најголемата златна купола на Гренланд
Американскиот претседател, Доналд Трамп, во говорот на Светскиот економски форум во Давос зборуваше и за Гренланд. Тој кажа дека САД само сака Данска да им го даде Гренланд и рече дека таму ќе ја изградат најголемата златна купола.
„Гренланд е на наша територија“, рече тој, кажувајќи им на светските лидери дека на САД им е потребен островот од причини за национална безбедност.
„Ниту една земја освен САД не е во позиција да го обезбеди Гренланд“, рече тој, додавајќи: „Ние сме многу посилни отколку што луѓето сфаќаат… Тоа го открија во Венецуела пред неколку недели“.
Трамп рече дека островот е „незаштитен“ на стратешки витална локација помеѓу САД, Русија и Кина.
„Потребен ни е за стратешка национална безбедност и стратешка меѓународна безбедност… тоа е наша територија“, рече тој.
Додаде дека има „огромно почитување“ кон народот на Гренланд и Данска, но нагласи дека САД само сакаат да започнат преговори за веднаш преземање на арктичкиот остров.
Тој, исто така, рече дека САД го бранеле светот.
„Без нас, ќе зборувавте германски и јапонски“, рече тој.
Трамп рече и дека НАТО „се однесува лошо кон САД“. Тој додаде дека „Европа и НАТО не го ценат“ она што го прават САД.
„Не баравме ништо, па затоа не добивме ништо. Можевме да го добиеме ако ја искористев нашата голема моќ. Но, нема да го направам тоа. Тоа е најсилната изјава досега. Не сакаме ништо, само го сакаме Гренланд“, рече Трамп.
„Само сакаме Данска да ни го даде Гренланд. Ќе ја изградиме најголемата златна купола таму. Таа најмногу ќе ја заштити Канада, по природа на нештата, тие добиваат многу од нас бесплатно. Треба да ни бидат благодарни, но не се, го гледав вчера говорот на нивниот премиер Марк, тој не е благодарен. Канада живее од САД, запомнете го тоа Марк следниот пат кога ќе зборувате“, рече тој.
„Само сакам парче мраз што ќе игра важна улога во одбраната на светот. Тоа е мало барање во споредба со она што им го дадовме во текот на децениите“, рече тој.
„Сакаме парче мраз за да го заштитиме светот“, додаде тој.
фото/епа
Свет
Трамп од Давос: Ја сакам Европа, но не оди во вистинската насока
Претседателот на САД, Доналд Трамп, остро ја критикуваше Европа во говорот на Светскиот економски форум во Давос, велејќи дека европските земји, според него, одат во погрешна насока и дека тие ја носат одговорноста за сопствениот пад.
„Можеме да се расправаме, но нема аргумент“, рече Трамп, додавајќи: „Не го признавам тоа, и не на позитивен начин, туку на негативен начин“. Тој продолжи: „Ја сакам Европа, но… не оди во вистинската насока“.
Трамп ја обвини масовната миграција за слабеењето на европските земји, обвинувајќи ги европските лидери за неактивност по ова прашање.
Тој се качи на сцената со аплауз од публиката, а на почетокот од својот говор рече дека се обраќа на бизнис лидери, пријатели и „неколку непријатели“. Тој објави дека има „феноменални вести“ од Соединетите Американски Држави, истакнувајќи ги економските индикатори и затворената граница.
„Економијата е во подем“, рече Трамп, додавајќи дека „ваков вид економски раст не е виден во историјата на Соединетите Американски Држави“.
фото/епа
Свет
Виткоф: Мировниот договор за Украина е 90 отсто готов, утре ќе одам кај Путин
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за мировни мисии, неговиот пријател и магнат за недвижности Стив Виткоф, денес изјави дека мировниот договор што би ставил крај на војната меѓу Русија и Украина е „завршен 90 проценти“.
Виткоф го изјави ова во интервју за „Блумберг“ и „Си-ен-би-си“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос. Тој изјави дека се согласува со проценките на украинската страна дека договорот е речиси склучен, додавајќи дека неодамна е постигнат дополнителен напредок.
„Мислам дека постигнавме уште позначаен напредок“, рече Виткоф.
Според него, во последните шест до осум недели е постигнато повеќе отколку во претходните три или четири години. Тој нагласи дека преговорите влегле во фаза на забрзан напредок.
Виткоф треба да отпатува за Москва утре, каде што ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, како дел од понатамошните разговори за евентуално завршување на војната во Украина.

