Свет
СЗО со предупредување пред Божик: Подобро е да се откажат собирите отколку животот
Светската здравствена организација издаде предупредување пред божикните празници поради забрзаното ширење на омикрон-сојот.
„Подобро е да се откажат собирите отколку животот“, рече лидерот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, на прес-конференција, додавајќи дека треба да се донесат тешки одлуки.
„Во некои случаи тоа ќе значи откажување или одложување собири и настани“, рече тој.
„На сите ни е преку глава од оваа пандемија. Сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормален живот“, рече тој.
„Најбрзиот начин да се постигне тоа е да се донесат тешки одлуки за да се заштитиме себеси и другите“, додаде Гебрејсус.
Според него, пандемијата може да заврши оваа година доколку 70 отсто од населението во секоја земја во светот се вакцинира до средината на годината.
Изјавата на лидерот на СЗО доаѓа во време кога здравствените експерти тврдат дека омикрон-сојот стана доминантен меѓу новите случаи на заразени во Соединетите Американски Држави.
„Сега има силни докази дека омикрон се шири значително побргу од делта-сојот. И има поголеми шанси за зараза или повторна инфекција на луѓето што биле вакцинирани и на оние што оздравеле“, рече Гебрејсус.
Голем број земји, вклучително и Франција и Германија, воведоа нови ограничувања за патување во обид да го забават ширењето на новиот сој од коронавирусот. Холандија воведе строга блокада, што ќе трае за време на божикните празници.
Белата куќа вчера соопшти дека претседателот Џо Бајден не планира да воведе заклучување, а водечкиот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, претходно предупреди дека божикното патување може да го забрза ширењето на омикрон-сојот, дури и кај целосно вакцинираните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

