Свет
Силен земјотрес од 7,1 степени ја погоди Индонезија: оштетена болница, луѓе бегаат кон планините
Силен земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди западниот дел на Индонезија предизвикувајќи прогласување закана од цунами и евакуација на жителите од крајбрежните области.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 15 километри на речиси 170 километри југоисточно од Телук Далам, крајбрежен град во провинцијата Јужен Нијас во северна Суматра, соопшти Американскиот геолошки институт.
Националната агенција за ублажување катастрофи објави видеоснимка на која се гледаат селаните на островот Ментаваи како бегаат во висорамнините во темница и дожд. Неколку пациенти од селската болница, чија зграда беше оштетена во земјотресот, беа изнесени во нејзиниот двор.
Земјотресот можеше да се почувствува во областите и градовите на провинциите Западна Суматра и Северна Суматра, во кои исто така им беше наредено на неколку населени места да ги евакуираат жителите.
Официјални лица рекоа дека голем број жители на островот Ментаваи не се симнале од повисоките места каде што побегнале поради страв од последователни потреси, иако е издадено предупредување за цунами.
Индонезија, огромен архипелаг од 270 милиони луѓе, често е погодена од земјотреси, вулкански ерупции и цунами.
Во ноември во земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала загинаа најмалку 340 луѓе и беа оштетени повеќе од 62.600 куќи во западна Јава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

