Свет
Силен земјотрес ја погоди Аргентина
Силен земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала ја погоди Аргентина, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Како што се наведува, земјотресот ја погодил аргентинската провинција Хухуј.
Земјотресот се случил на длабочина од речиси 255 километри.
Земјотресот бил почувствуван околу 7 часот по локално време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Калас: ЕУ разгледува опции за помош на Меѓународниот кривичен суд
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека постои тековен „напад врз меѓународниот правен поредок“ и дека ЕУ разгледува опции за помош на Меѓународниот кривичен суд (МКС).
„Постои широк напад врз меѓународниот правен поредок, човековите права, меѓународно договорените норми и институциите воспоставени за нивно спроведување. ЕУ има долга и силна политика на поддршка на МКС, но таа има и свои недостатоци“, рече Калас за време на нејзиниот говор на Колеџот на Европа во белгискиот град Бриж, пренесува Ројтерс.
Таа истакна дека сите земји од ЕУ се членки на МКС, но дека една од овие земји го започнала процесот на напуштање.
„Една земја-членка ја објави својата намера да се повлече од МКС, но сите земји-членки се правно обврзани со одлуките донесени од Европскиот совет, вклучително и поддршката на МКС во случај на напуштање на судот“, рече таа, осврнувајќи се на Унгарија, пренесува Танјуг.
Калас изјави дека се бараат механизми за судска помош во рамките на ЕУ.
„Во Брисел, моментално ги разгледуваме сите достапни опции, вклучително и конкретни мерки за ублажување, за да продолжиме да го поддржуваме МКС“, рече Калас.
Фото: принтскрин
Свет
Полицијата во САД откри сериски убиец по 20 години
По речиси 20 години, полицијата во американската држава Висконсин верува дека конечно ја решила мистеријата за исчезнувањето и убиството на 21-годишната самохрана мајка Деидре Харм. Властите го именуваа Кристофер Ревак, поранешен болничар кој изврши самоубиство во 2009 година и кој е поврзан со најмалку два други случаи на исчезнати жени, објави Unilad.
Деидре Харм исчезна на 10 јуни 2006 година, откако излегла од бар во Висконсин Рапидс. Пет месеци подоцна, ловци ги пронајдоа нејзините останки во блиската пошумена област. Оваа недела, канцеларијата на шерифот на округот Вуд објави дека истрагата за нејзината смрт е официјално затворена.
Окружниот обвинител Џонатан Е. Барнет, во писмо до шерифот Шон Бекер, рече дека би поднел обвинение против Кристофер Е. Ревак доколку тој беше сè уште жив. „Го сметам овој случај за завршен. Верувам дека ќе имав доволно докази за да поднесам обвинение и, доколку Ревак беше сè уште жив, да добијам судење“, додаде тој.
Ревак, кој си го одзеде животот во затвор во Мисури во 2009 година, беше обвинет за убиство на друга жена, 36-годишната мајка на три деца Рене Вилијамс. Таа исчезна во 2007 година откако ја заврши смената во бар каде што Ревак наводно бил виден таа ноќ, но нејзиното тело никогаш не било пронајдено.
Шерифот на Мисури Крис Дегасе, кој го истражуваше случајот Вилијамс, го потврди сомневањето за Фокс њуз диџитал. „Кога почнав да работам на случајот на Кристофер Ревак, тој беше мој осомничен за убиството на Рене Вилијамс и не мислев дека му е прв пат“, рече тој.
Името на Ревак се појави и во истрагата за исчезнувањето на водителката на вести Џоди Хајзентруит во Мејсон Сити, Ајова, во 1995 година. Таа исчезна на пат кон работа, оставајќи зад себе само чевли со високи потпетици и свиткан клуч од автомобилот. Иако беше законски прогласена за мртва во 2001 година, нејзиното тело никогаш не беше пронајдено, а полицијата тогаш немаше докази што го поврзуваат Ревак со случајот.
Информациите што го поврзуваат Ревак со убиството на Деидре Харм фрлаат нова, вознемирувачка светлина врз сите случаи. „Изгледа како да се работи за сериски убиец“, рече шерифот Дегасе. „Во текот на денот, како болничар, тој им помагаше на луѓето и ги спасуваше, но Крис Ревак имаше и темна страна“, додаде тој.
За семејството на Џоди Хајзентруит, потрагата по вистината не е завршена. „Вистинскиот мир ќе дојде само кога Џоди ќе биде пронајдена и правдата ќе биде задоволена“, рекоа тие. Награда од 50.000 долари сè уште се нуди за информации што би можеле да доведат до решение за нејзиното исчезнување.
Регион
Авантуристи од БиХ киднапирани во Мали ослободени по два месеца
Двајца државјани на Босна и Херцеговина, кои исчезнаа во африканската земја Мали пред речиси два месеца, се живи и здрави и набргу треба да се вратат кај своите семејства, објавија локалните медиуми во Босна и Херцеговина.
Марио Кокоруш и Марин Петровиќ, двајца авантуристи кои патувале во многу други земји пред Мали, според достапните информации, исчезнале на почетокот на септември и се претпоставувало дека биле или уапсени од владините сили во Мали или киднапирани од една од бунтовничките групи.
Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (OSA) се приклучија во потрагата по нив, но досега нема информации од официјални извори за нивната судбина.
Повеќето медиуми во Босна и Херцеговина денес споделија објава од фејсбук-страница од нивниот познајник Кристијан Иличиќ, исто така авантурист и светски патник, кој тврди дека потрагата вродила со плод, па Кокоруш и Петровиќ набргу би требало да бидат слободни.
„Тие во моментот се безбедни и на пат кон главниот град на Мали и набргу ќе се вратат кај своите семејства“, напиша Иличиќ.
Тој објасни дека на барање на сопругата на еден од исчезнатите мажи се заинтересирал за нивната судбина преку своите врски во Мали и така открил дека биле киднапирани за време на вооружен напад заедно со возачот.
Иличиќ тврди дека џихадистичката група JNIM, разгранок на Ал каеда што работи во Мали, стои зад инцидентот, а не е јасно што се барало во наводното киднапирање и зошто биле ослободени.
Кокоруш, кој има докторат по електротехника, покрај државјанството на БиХ, има и германски пасош, а Петровиќ има и хрватски пасош и е професор на Машинскиот факултет во Сараево.

