Свет
Силен земјотрес ја погоди Грција, еве каде се стресе тлото
Земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала е регистриран рано утринава, околу 07:57 часот на островот Санторини во Грција.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во областа со географски координати на географска ширина 36,4086 и географска должина 25,4538.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 5 километри под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пензионерка падна во бунар длабок 10 метри во Чачак: Таа е жива, најважно свесна
Припадниците на противпожарната и спасувачката единица Чачак утрово од бунар длабок 10 метри во Трбушани кај Камени мост извлекле постара жена (78).
– Таа е жива, најважно е свесна, а соработувала со пожарникарите за време на спасувачката акција. Има полесни повреди, расекотини на грбот, бидејќи бунарот е изграден со камен“, изјавил за РИНА еден од очевидците, додавајќи дека пожарникарите и спасувачите брзо пристигнале и професионално ја завршиле работата.
Со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Чачачката болница, а како и зошто завршила во бунарот ќе се утврди понатамошна истрага.
Свет
Рубио: САД го одбележуваат Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска се огласи и рече дека САД го одбележуваат Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, кој беше основан од Обединетите нации по повод годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година, најголемиот Нацистички логор на смртта.
„Свечено се сеќаваме на шесте милиони Евреи кои беа систематски убивани низ Европа од нацистите и нивните соработници, како и на милионите други кои загинаа. Им оддаваме почит на оние кои преживеаја, им благодариме на нашите ослободители и ја обновуваме нашата заедничка посветеност на човековата слобода и правда“, се вели во соопштението од кабинетот на Рубио.
Се потсетува дека оваа година се одбележуваат 80 години од крајот на Втората светска војна и холокаустот, а се нагласува дека оваа година би можела да биде една од последните во која преживеаните ќе можат да споделат сведоштва за ужасите што ги доживеале.
За време на Втората светска војна, шест милиони Евреи станаа жртви на нацистичката политика насочена кон елиминирање на оние што се сметаат за „закана“ или „инфериорни“.
Свет
На Израелците им е продолжен рокот за повлекување на војниците од јужен Либан
Белата куќа најави продолжување на рокот за повлекување на израелските војници од јужен Либан до 18 февруари 2025 година. Страните ќе започнат и преговори за враќање на либанските затвореници заробени по 7 октомври 2023 година. Како што пишува АП, ова доаѓа откако Израел побара повеќе време за повлекување по истекот на рокот од 60 дена утврден со договорот за прекин на огнот, кој стави крај на војната меѓу Израел и Хезболах кон крајот на ноември.
Израел рече дека треба да остане подолго бидејќи либанската армија не беше распоредена во сите области на јужен Либан за да се осигура дека Хезболах нема повторно да воспостави присуство во областа. Либанската армија соопшти дека не може да распореди сили додека израелските војници не ја напуштат областа.
Во соопштението на Белата куќа се вели дека „договорот меѓу Либан и Израел, под надзор на САД, ќе остане на сила до 18 февруари 2025 година“. Исто така, се наведува дека „релевантните влади ќе започнат преговори за враќање на либанските затвореници заробени по 7 октомври 2023 година“.
Според извештаите, повикувајќи се на либански здравствени власти, „израелските трупи во јужен Либан вчера отвориле оган врз демонстрантите кои барале нивно повлекување според договорот за прекин на огнот, при што загинале најмалку 22 лица, а 124 се ранети“.