Свет
Симптоми кои можат да се јават по вакцинацијата со „Спутник V“
Граѓаните на Москва, кои веќе почнаа да се вакцинираат со руската вакцина против коронавирус „Спутник V“, добиваат упатства за пациенти, како и потврда за извршена имунизација, кои содржат список со симптоми, кои можат да се јават по вакцинацијата, како и совети како да постапат во секој од наведените случаи.
Во упатствата се наведува дека секој десетти човек, вакциниран со вакцината „Спутник V“, може да почувствува слабост или мачнина. Во повеќе случаи вакцинацијата добро се поднесува.
Ако се јави физичка слабост, нема причина за грижа, тоа е нормална индивидуална реакција на организамот и еден од знаците за формирање имунитет. На оние кај кои по вакцинацијата ќе се јави слабост, општ замор и мачнина, им се советува да ја намалат физичката активност и повеќе да одмораат.
Исто така се нагласува дека кај 5,7 проценти од вакцинираните, може да се јават болки во коските, грозница, главоболка или температура повисока од 37 степени.
Кај 4,7 проценти може да се јави болка, оток, чешање и црвенило на местото од вакцинацијата. По правило, лекување не е потребно, но може да се земе лек против алергија за да се намали отокот и чувството на нелагодност.
Еден и пол процент од вакцинираните пациенти може да имаат затнат нос, течење на нос или чувство на скокотливост во грлото. На нив им се советува да пијат многу течности и користат спреј за нос.
Кај помалку од 1 процент, пак, може да дојде до забрзување на пуслот или повишен крвен притисок.
Рускиот претседател, Владимир Путин, претходно побара од потпретседателката на владата, Татјана Голикова следната недела да почне масовна вакцинација против коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

