Свет
Симптоми на коронавирус регистрирани кај 50 луѓе во Северна Кореја
Најмалку 50 луѓе регистрирале симптоми на инфекција со коронавирусот во Северна Кореја во последните 24 часа, објави Корејската централна новинска агенција (КЦНА).
Агенцијата наведува дека зголемувањето на бројот на заразени во последните четири дена е под 200.
„Според информациите на државниот штаб за вонредни ситуации во борбата против епидемијата, од саботата, 23 јули, во 18 часот до вчера во 18 часот регистрирани се повеќе од 50 случаи на заразени, а повеќе од 80 лица оздравеле“, се наведува во извештајот.
КЦНА забележува дека од крајот на април до вчера во 18 часот регистрирани се вкупно 4.772.740 случаи на заразени, од кои 4.772.330 или 99,99 отсто оздравеле, а се лекуваат најмалку 330 лица или 0,007 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕК: Европската Унија може да го заштити Гренланд ако Данска го побара тоа
Европската Унија може да го заштити Гренланд ако Данска го побара тоа, изјави денес европскиот комесар за одбрана, Андриус Кубилиус, предупредувајќи дека американското преземање на островот би значело крај на НАТО.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторува дека на САД им е потребен Гренланд, автономна територија што е дел од Кралството Данска, тврдејќи дека постојното воено присуство на САД таму не е доволно.
Членките на НАТО, Данска и САД, треба да се состанат оваа недела за да разговараат за Гренланд. Копенхаген и Нук нагласуваат дека најголемиот остров во светот не е на продажба, но Трамп не ја исклучува можноста да го земе со сила.
„Се согласувам со данскиот премиер дека ова би претставувало крај на НАТО, но би имало и многу негативна резонанца меѓу луѓето“, рече Кубилиус, првиот европски комесар за одбрана, на безбедносна конференција во Шведска.
Литванецот не верува дека ќе има американска инвазија, но нагласи дека член 42.7 од Договорот за Европската унија ги обврзува членовите да ѝ помогнат на Данска или на која било друга членка што се соочува со воена агресија.
„Првенствено ќе зависи од Данска, како ќе реагира и каква ќе биде нејзината позиција, но дефинитивно постои обврска членовите да си помогнат себеси ако некоја од нив се соочи со воена агресија“, рече тој.
фото/депозитфотос
Свет
Франција ги повикува младите на десетмесечна доброволна воена служба
Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе почнат со обука во септември годинава. Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски државјани, пишува „Ројтерс“.
Службата е наменета за лица на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да придонесат за способноста на нацијата да се спротивстави во небезбедна средина, изјави на прес-конференција началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Фабиен Мандон. Овој потег е дел од поширок тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста околу променливите приоритети на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп, како и поради, како што се оценува, поагресивниот став на Русија.
Од септември, 3.000 млади лица ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловството за извршување мисии на француска територија. Планирано е бројот да се зголеми на 4.000 во 2027 година, а потоа да достигне 10.000 учесници годишно до 2030 година.
Учесниците ќе добиваат надомест од околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар активности – од помош при природни катастрофи и антитерористички надзор, до работни позиции како оператори на дронови, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили. Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека ова го одразува „долгорочниот развој на војската кон хибриден модел“.
Се очекува програмата во 2026 година да чини 150 милиони евра, а вкупните трошоци за периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра.
Фото: pexels
Свет
Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја критикуваше платформата „Икс“ на милијардерот Илон Маск поради ширење сексуално експлицитни deepfake содржини создадени со помош на АИ-чатботот Grok, пишува Политико.
„Згрозена сум што технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги ‘соблекуваат’ жените и децата на интернет. Тоа е незамисливо однесување. А штетата предизвикана од овие deepfake содржини е многу реална“, изјави фон дер Лајен во интервју за повеќе европски медиуми, меѓу кои Ројтерс и Кориере дела сера.
„Нема да ја препуштиме заштитата на децата и прашањето на согласност на Силиконската долина. Ако тие не постапат, ние ќе постапиме“, предупреди таа. Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки, меѓу кои и јавни личности, пријавиле дека нивни фотографии на социјалните мрежи биле „соблечени“ и претворени во фотографии во бикини од страна на Grok, по барање на корисници.
Алатката за креирање deepfake содржини поттикна истраги од регулаторите ширум Европа, вклучувајќи ги Брисел, Даблин, Париз и Лондон. Европската комисија минатиот четврток ѝ наложи на платформата X да ги зачува „сите внатрешни документи и податоци поврзани со Grok“, што претставува ескалација на постојната истрага за политиките за модерирање содржини на X.
Комисијата ги оцени сексуално експлицитните deepfake содржини создадени без согласност како „незаконски“, „ужасни“ и „одвратни“.
Како одговор, X ја ограничи контроверзната функција за генерирање АИ-слики само на корисници со платена претплата. Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењер, изјави дека ограничувањето на алатката на претплатници не значи крај на истрагата на ЕУ.
Скандалот се појави како нов тест за решителноста на ЕУ да го ограничи влијанието на Маск и американските технолошки гиганти. Само еден месец претходно, Брисел ја казни платформата X со 120 милиони евра поради кршење на клучниот закон на Унијата за онлајн платформи – Актот за дигитални услуги (DSA).
Казната предизвика брза и силна реакција од Вашингтон, при што американската администрација воведе забрана за патување за поранешниот европски комесар за дигитална технологија и главен архитект на DSA, Тјери Бретон. Од платформата X не одговориле веднаш на барањето за коментар за критиките на Урсула фон дер Лајен.
Фото: Depositphotos

