Свет
Сингапур би можел да изгради вештачки острови поради климатските промени
Сингапур размислува за изградба на вештачки острови во водите околу источниот брег за да заштити дел од својата територија од зголемување на нивото на морето како резултат на климатските промени, објавија министрите.
Студиите за изводливост и влијанието врз животната средина за проектот, наречен „Лонг Ајленд“, ќе почнат во 2024 година и ќе траат пет години, рече министерот за национален развој, Дезмонд Ли.
Новите територии создадени на овој начин би можеле да се прошират на 800 хектари, што на густо населениот град држава ќе му даде повеќе простор за жителите, како и за парковите и индустријата, рече Ли.
Сингапур има 6,2 милиони жители и вклучува 63 острови на површина од 724 km², што го прави една од најгусто населените области во светот.
Премиерот Ли Хсиен Лунг во 2019 година предупреди дека зголемувањето на нивото на морето „сериозно му се заканува“ на Сингапур.
Работата потребна за заштита на брегот би можела да биде многу скапа и да надмине 100 милијарди сингапурски долари (68,626 милијарди евра) за 100 години, рече тој.
Вештачки острови би можеле да се изградат по должината на брегот за да формираат одбранбена линија против зголемувањето на нивото на морето, според Агенцијата за урбан развој (УРА).
Владините агенции ја разгледуваат и можноста за изградба на брана висока три метри околу брегот, но тој проект подразбира големи технички тешкотии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски се обрати до нацијата: Се браниме кај Харков, во Доњецк е исклучително тешко
Украинските сили продолжуваат со одбранбените операции околу северните погранични населби во регионот Харков, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.
„Нашите сили извршуваат контранапади и ја штитат украинската територија веќе втор ден“, рече Зеленски.
Украинската војска претходно соопшти дека руските сили се задржани во пограничните села во „сивата зона“, додека Русија објави дека зазела пет локални населби.
Ситуацијата, рече Зеленски, е особено напната во регионот на Доњецк, поточно во правец на Покровское, кај селата Семенивка и Нетаилова.
Зеленски додаде дека попречувањето на руските офанзивни акции сега е задача број еден.
Свет
Макрон: Се надевам дека Французите нема да мора да се борат во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш не ја исклучи можноста за интервенција на француската армија во Украина, но истовремено изрази надеж дека неговата земја нема да мора да војува и да испраќа свои војници во војна.
Како што пренесува „Украинска правда“, Емануел Макрон рече дека во одреден момент Европејците треба да бидат подготвени да ја спречат Русија да напредува понатаму во Украина, но тој најискрено се надева дека нема да мора да се борат.
„Ако сакаме мир, мораме да го заштитиме. Затоа треба да се вооружиме и затоа треба да бидеме средство за одвраќање и убедување. Ако одите предалеку и ги загрозувате нашите интереси и нашата безбедност, тогаш јас не исклучувам интервенци во конфликтот“, рече Макрон.
Тој нагласи дека украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет се под закана, но истовремено владеењето на правото и општите правила се под закана.
„И ако оставиме сè како што е во Украина, тогаш ќе победи правото на посилниот. И не можеме да бидеме сигурни бидејќи тоа се случува на 1.500 километри. Значи, во Украина нашата иднина и нашата безбедност се во прашање“, заклучи францускиот претседател.
Свет
Големи пропалестински протести во Малме пред евровизиското финале, се бара исклучување на Израел од натпреварот
Денеска во центарот на Малме, Шведска се одржува масовен пропалестински протест поради учеството на Израел на овогодинешното натпреварување.
Голем број луѓе почнаа да се собираат на главниот плоштад во Малме од 16 часот.
Протестот почна на главниот плоштад во Малме, а насобраните од ова место се упатија кон арената Малме, каде што се одржува Евровизија.
Во четвртокот, кога претставничката на Израел настапи во втората полуфинална вечер, на улиците на Малме протестираа повеќе од 30.000 луѓе, според проценките на шведската полиција.
Барањата се исти – бојкот на Евровизија и исклучување на Израел од натпреварувањето.