Свет
(Фото) Голема рација во Сингапур: запленети 94 куќи, скапи автомобили, злато
Полицијата во Сингапур заплени имот во вредност од речиси 1 милијарда сингапурски долари (околу 735 милиони американски долари) – вклучувајќи луксузни домови, автомобили и часовници – во една од најголемите истраги за спречување на перење пари во земјата. Златни шипки, дизајнерски чанти, скапо вино и 23 милиони сингапурски долари во готовина се меѓу предметите запленети во рациите, јавува Би-би-си.
Во акцијата полицијата уапсила десет лица, сите со странски пасоши. Вакви рации се ретки во Сингапур, кој има една од најниските стапки на криминал во светот. Сингапурската полиција соопшти дека во вторникот биле извршени истовремени рации во градот држава. Запленети се 94 куќи, многу во скапи населби, како и 50 возила.
Десет лица на возраст меѓу 31 и 44 години се уапсени за наводно перење пари и фалсификување. Полицијата соопшти дека уапсените поседувале пасоши од Кина, Камбоџа, Турција и од Вануату.
Групата е осомничена за перење приходи од организиран криминал во странство, измама и онлајн-коцкање.
„Нема толеранција Сингапур да се користи како засолниште за криминалци“, рече Дејвид Чу, директор за комерцијални работи на полицијата, додавајќи: „Нашата порака до овие криминалци е едноставна – ако ве најдеме, ќе ве уапсиме. Ако најдеме незаконски стекнати добивки, ќе ги конфискуваме. Ќе постапуваме со вас според нашите закони“.
Полицијата соопшти дека во истрагата соработуваат уште 12 лица, а во моментот се трага по осум други.
Централната банка на земјата и финансискиот регулатор Монетарната управа на Сингапур соопшти дека биле во контакт со финансиски институции „каде што биле идентификувани потенцијално незаконски стекнати средства“. Ќе се преземат „одлучни мерки“ против институциите што не ги исполнуваат официјалните услови за спречување перење пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски се обрати до нацијата: Се браниме кај Харков, во Доњецк е исклучително тешко
Украинските сили продолжуваат со одбранбените операции околу северните погранични населби во регионот Харков, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.
„Нашите сили извршуваат контранапади и ја штитат украинската територија веќе втор ден“, рече Зеленски.
Украинската војска претходно соопшти дека руските сили се задржани во пограничните села во „сивата зона“, додека Русија објави дека зазела пет локални населби.
Ситуацијата, рече Зеленски, е особено напната во регионот на Доњецк, поточно во правец на Покровское, кај селата Семенивка и Нетаилова.
Зеленски додаде дека попречувањето на руските офанзивни акции сега е задача број еден.
Свет
Макрон: Се надевам дека Французите нема да мора да се борат во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш не ја исклучи можноста за интервенција на француската армија во Украина, но истовремено изрази надеж дека неговата земја нема да мора да војува и да испраќа свои војници во војна.
Како што пренесува „Украинска правда“, Емануел Макрон рече дека во одреден момент Европејците треба да бидат подготвени да ја спречат Русија да напредува понатаму во Украина, но тој најискрено се надева дека нема да мора да се борат.
„Ако сакаме мир, мораме да го заштитиме. Затоа треба да се вооружиме и затоа треба да бидеме средство за одвраќање и убедување. Ако одите предалеку и ги загрозувате нашите интереси и нашата безбедност, тогаш јас не исклучувам интервенци во конфликтот“, рече Макрон.
Тој нагласи дека украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет се под закана, но истовремено владеењето на правото и општите правила се под закана.
„И ако оставиме сè како што е во Украина, тогаш ќе победи правото на посилниот. И не можеме да бидеме сигурни бидејќи тоа се случува на 1.500 километри. Значи, во Украина нашата иднина и нашата безбедност се во прашање“, заклучи францускиот претседател.
Свет
Големи пропалестински протести во Малме пред евровизиското финале, се бара исклучување на Израел од натпреварот
Денеска во центарот на Малме, Шведска се одржува масовен пропалестински протест поради учеството на Израел на овогодинешното натпреварување.
Голем број луѓе почнаа да се собираат на главниот плоштад во Малме од 16 часот.
Протестот почна на главниот плоштад во Малме, а насобраните од ова место се упатија кон арената Малме, каде што се одржува Евровизија.
Во четвртокот, кога претставничката на Израел настапи во втората полуфинална вечер, на улиците на Малме протестираа повеќе од 30.000 луѓе, според проценките на шведската полиција.
Барањата се исти – бојкот на Евровизија и исклучување на Израел од натпреварувањето.