Свет
Сирискиот Црвен крст од ЕУ побара укинување на санкциите по земјотресот
Сирискиот Црвен крст ја повика Европската Унија да ги укине санкциите против Дамаск по разорниот земјотрес, во кој загинаа повеќе од 1.600 луѓе во таа земја.
„Ги повикувам сите земји од ЕУ да ги укинат економските санкции кон Сирија бидејќи е време да се направи тоа по ваков земјотрес“, изјави директорот на сирискиот разгранок на Црвениот крст, Калед Хабубати, на прес-конференција во Дамаск.
Сирија, на чело со претседателот Башар ал-Асад, е под меѓународни санкции од почетокот на војната во 2011 година, што значително ја намали трговијата со остатокот од светот.
Дамаск посочува дека економската криза во земјата е директна последица на меѓународните санкции. Тие мерки против Дамаск беа воведени по задушувањето на продемократските протести, а земјата потоа потона во граѓанска војна, што ја опустоши.
Според Хабубати, сирискиот Црвен крст мобилизирал повеќе од 3.000 доброволци да учествуваат во потрагата и спасувањето во погодените области. Разорниот земјотрес го погоди и југот на соседна Турција. Во Сирија загинаа 1.622 лица, а повеќе од 3.600 се повредени во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, што ја погоди земјата во понеделникот.
Граѓанската војна, која трае повеќе од единаесет години, во голема мера го исцрпи капацитетот на земјата сама да се справи со таква природна катастрофа. Сириската армија продолжува да се судира со разни бунтовнички групи, вклучително и терористички организации, како Ал Нусра и Исламската држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

